Кадетите се извадија за поразот – Македонија ќе игра полуфинале на ЕХФ шампионатот

Со победата од 30:25 машката кадетска репрезентација на Македонија се избори за пласман во полуфиналето на ЕХФ шампионатот во Скопје, со што надомести за поразот од Грција пред два дена. Иако имаше шанси и за победа за прво место, сепак, и со ваков триумф треба да се биде задоволен бидејќи донесе можност утре да се игра во полуфиналната пресметка за која противникот ќе биде познат подоцна.

Oд почетокот на средбата се виде еден сосема поинаков лик кај кадетите односно многу поагресивна игра во одбраната која даваше простор за поквалитетен напад. Иако играта беше на повисоко ниво, сепак, Полска е многу посериозен ривал од Грција, па тоа се одрази на играта на терен.

Македонија беше во постојана предност, но тешко се градеше водството и се доаѓаше до ситуација да се оди на поголема позитива. Откако почетокот беше добиен до 3:1 противникот брзо израмни.

После десет минути игра водството беше само еден гол, 4:3. Истата предност остана и после следните десет минути. Во 20. минута од натпреварот Македонија имаше водство од 8:7 така што играта не носеше ништо ново во поглед на резултатската предност.

Затоа во 25. минута се дојде до 12:10, а две минути подоцна беше 14:11. Меѓутоа кога требаше да се смири и да се одработи акција за обезбедување победа и сигурно продолжување на средбата неколку грешки дозволија противникот да се доближи и на одмор да се замине со само еден гол предност од 16:15.

На почетокот на вториот дел Полска успеа да израмни, но тука следуваше најдобриот дел од натпреварот за Македонија. Со одлична одбрана и добро организиран напад беше обезбедено највисокото водство од четири гола. Во 35. минута резултатот беше 21:17.

Тука следуваше одговор од страна на Полска и само 22:20 на 20 минути до крај, кога момците како да се разбудија на теренот. Одбраната стана поцврста, се добиваа дуелите со противникот, а тоа носеше резултат така што и во нападот почна игра со која можеше да се оди кон победа од осум гола која ја носеше Македонија на прво место.

На десет минути до крај беше 28:22 и веќе почна да станува жешко на теренот бидејќи беше јасно дека момците имаат огромна шанса да се извадат за поразот од Грција пред два дена. Сепак, на оваа предност при контра беше направен пресврт и работите се изменија. Полска веднаш казни и успеа да се врати на негатива од четири гола така што остана момците да ја зачуваат победата која исто така ги носеше во полуфинале.

Конечните 30:25 значеа победа за пласман во полуфинале каде Македонија влегува како второпласирана од својата група, додека Полска е првопласираниот состав кој оди понатаму. Инаку, сите репрезентации имаат по два поени, па одлучува гол разликата.

МАКЕДОНИЈА – ПОЛСКА           30:25 (16:15)

Сала: СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Судии: Рамеш и Суреш Тијагараја од Германија. Делегати: Леополд Калин и Томо Водопивец од Словенија.

МАКЕДОНИЈА: Галевски (4 одб., 2 сед.), Ерманоски (4 одб.), Ташев, Па. Атанасијевиќ 3, Митев 7, Иваноски 1, Омерагиќ 3, Митревски, Стојчевиќ 2, Петковски 4, Ѓоргоски 1, Пе. Атанасијевиќ 4, Манчевски 2, Стојковиќ 1, Илиески 2, Савревски

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 14 мин.

ПОЛСКА: Познијак (8 одб.), Алај (3 одб.), Домагала, Новак 1, Видомски 4, Кравчик 2, Стемпин, Степиен 3, Сургил 4, Глушченко, Грачик, Кошник 3, Михалович 4, Бедзиковски 1, Молски 7, Рајхел

Седмерци: 2/4, Исклучувања: 12 мин.