Кадетите загубија од Тунис, но освоија еден бод

По вчерашниот пораз од Шпанија и победата над Мароко, машката кадетска репрезентација на Македонија загуби од Тунис со 19-17 (6-7, 8-6, 5-4) во третото коло од Медитеранските игри.

Во првиот период избраниците на Никола Матлиески имаа и плус три, но на крајот го добија со еден погодок разлика, 6-7. Во вториот од стартот доминираше африканскиот ривал и не дозволи ниеднаш нашите кадети да се заканат на водството од два гола разлика.

Третиот период се играше гол за гол, но кога требаше да поведеме на две минути до крајот, следуваше грешка и казна од ривалот. Со резултат 5-4 се влезе во последната минута, но немаше нови погодоци на двете страни, па мечот заврши со победа на Тунис од 19-17.

Сепак и покрај поразот, Македонија освои еден бод поради тоа што го доби првиот период, па сега на контото имаме вкупно пет на петтото место во групата Б.

Следен предизвик за кадетите ќе биде дуелот со Хрватска денеска од 14:45 часот.