Кадетен немаше сили за нова сензација, Монпелје е четвртфиналист во Лигата на Европа

Во рамките на елиминациските натпревари од Лига на Eвропа, Монпелје во реванш дуелот против  Кадетен Шафхаузен беше подобар со резултат 32:25 и обезбеди пласман во четвртфиналето од европското натпреварување.

За разлика од првиот натпревар, Монпелје денес постојано беше во водство и не дозволи да се случи повторно изненадување. Ефикасноста на нападите на Монпелје која беше со 67% успешна реализација најдобро говори за денешната ситуација на теренот.

На полувреме резултатот беше 16:10 за гостинската екипа и Кадетен Шафхаузен не направи никаков отпор во второто полувреме, дозволи противникот лесно да ја одржува стекнатата разлика. До крајот ракометарите на Монпелје обезбедија победа од седум гола разлика.

Најефикасен во составот на Монпелје беше Јанис Лене со осум гола. Во екипата на Кадетен Шафхаузен најдобар ракометар беше Габор Часар со седум гола. Првиот натпревар помеѓу двете екипи заврши без победник, 27:27. Поради денешната победа, Монпелје патува во четвртфиналето од Лига на Европа.