Кадетен во големи проблеми – Уште еден играч нема да игра против Еурофарм Пелистер

Екипата на Кадетен Шафхаузен се соочува со многу проблеми во својот тим пред стартот на натпреварите од Лигата на Европа. По веста дека Жоан Кањелас ќе пропушти дел од натпреварите поради повреда, раководството на клубот објави за уште еден играч кој нема да биде во составот на Кадетен Шафхаузен за следните натпревари.

Станува збор за десниот бек, Михаел Кусио, кој поради повреда на раката ќе паузира подолго време. Лекарскиот тим утврдил дека Кусио мора да оди на операција. Младиот ракометар беше меѓу најефикасните играчи во рамките од квалификациските натпревари за обезбедување место во Лигата на Европа.

Најверојатно, неговото враќање на терените ќе биде на стартот на новата година. На десната бековска позиција неговата екипа ќе остане со Донат Барток, Бен Садок и повратникот во екипата, Димитриј Кутел.

Кадетен Шафхаузен на 26 октомври на свој терен го пречекува македонскиот претставник, Еурофарм Пелистер, во рамките од 2. коло од Лигата на Европа. Во првото коло, екипата од Шафхаузен гостува во Португалија кај Спортинг Лисабон.