Кавадарчани со засилување од Охрид: Гошевски потпиша за ГРК Тиквеш

Екипата која во есенскиот дел од сезоната беше единствена со максимално постигнување односно максимален број на бодови во Првата машка лига, ГРК Тиквеш се засилува за продолжението од сезоната во кое ќе има голема борба за обезбедување на позиција за пласман во Супер лигата.

ГРК Тиквеш ангажираше играч од Охрид, а се работи за младиот десен бек, Дејан Гошевски. Станува збор за ракометар кој може да одговори и на позицијата десно крило.

Гошевски на почетокот на сезоната дојде во Охрид од редовите на Металург 2, но не успеа да се снајде во екипата. Сега доби конкуренција во Филип Николов кој минатиот месец се пресели кај охриѓани од Радовиш. Оттаму Гошевски во потрага по минутажа се сели во ГРК Тиквеш каде што ќе има можност за играње и сигурно ќе биде добро засилување за составот од кавадарци.

Инаку, од Првата машка лига остануваат уште две кола, а веднаш потоа ќе следува трката за пласман во Супер лигата бидејќи ќе има нова лига во која ќе се најдат осум екипи односно најдобрите четири од Првата и Втората група.