ИХФ официјално го откажа Супер глоуб 2020

Коронавирусот продолжува и понатаму создава големи проблеми во ракометот ширум Европа и Светот. Последен настан кој е откажан е турнирот на кој настапуваат најдобрите екипи од сите континенти.

Откако на 16 јули беше донесена одлука за одложување на Супер глоуб 2020 за непознат датум, сега Советот на ИХФ донесе конечна одлука официјално да го откаже истиот.

Главна причина за ваквата одлука е барањето на Ракометната федерација на Саудиска Арабија за откажување поради многуте ограничувања во државата наметнати за превенција од коронавирусот.

Во соопштението на ИХФ стои дека за следниот Супер глоуб 2021 година освен домаќинот и актуелниот победник, останатите учесници ќе бидат континенталните победници од сезоната 2020/21.