Италијанците ја надиграа Црна Гора, Словенија убедлива против Норвешка

Репрезентацијата на Италија успеа да ја победи Црна Гора со пет гола разлика, 31:26 (14:12), во натпревар за пласман од 9 до 16 место на Европското младинско првенство во Португалија и со освоената победа, ракометарите на Италија ќе играат за пласман од 9 до 12 место.

За потсетување, Италија во групната фаза го совлада Исланд со 27:26 и докажа дека може да се носи рамо до рамо со посилни репрезентации.

Избраниците на Брано Божовиќ, кои во групната фаза запишаа три порази, а во вчерашниот натпревар беа убедливо поразени од Исланд со 28:41, ќе продолжат да разигруваат за пласман од 13 до 16 место.

Новиот голман на Еурофарм Пелистер 2, Василије Печурица натпреварот го заврши со две интервенции, додека неговиот имењак, Василије Вујовиќ забележа 12 интервенции, недоволно за поволен резултат на својата репрезентација.

Словенија триумфираше против Норвешка со убедлив резултат од 42:34 (22:16) и ќе игра за пласман од 9 до 12 место на младинскиот континентален собир.