Историјат на Ф4: Изненадување до изненадување – тој што има најмали шанси, тој ќе се искачи на тронот!

Во пресрет на завршницата од Лигата на шампионите во машка конкуренција која поради ковид пандемијата не се одигра во мај, ви издвојуваме интересна статистика за учесниците од завршниот турнир од 2010, па се до минаната сезона.

Македонскиот шампион, Вардар, на два пати ја освои шампионската титула и се вбројува меѓу седумте клубови кои го освоија главнот трофеј. Вкупно на завршните турнири беа постигнати, 2.313 голови.

Скоро секогаш, тимот со најмалку шанси ја освојувал титулата во Келн. Таков беше случајот со Келце, Хамбург, па и Флензбург, а во поновата историја и со Монпелје и со Вардар на два пати. Како ќе биде годинава, ќе дознаеме утревечер.

2010 година (Кил)

Барселона и Кил ја имаа честа да го одиграат финалниот натпревар на завршниот турнир во првото негово издание во 2010 година. Кил го скрши мразот и конечно го освои трофејот по три години. Чешкиот репрезентативец, Филип Јиха, беше најдобар стрелец во регуларниот дел од Лигата на шампионите со 108 постигнати голови. Нашиот репрезентативец, Кире Лазаров, беше меѓу петте најдобри стрелци, како ракометар на Загреб, со 83 постигнати голови и се најде на четвртото место на листата на стрелци. Натпреварот го доби Кил сo резултат 36:34, а ракометарот на Барселона, Хуанин Гарсија, беше најдобар стрелец со 13 голови.

2011 година (Барселона)

Во 2011 година Барселона го освојува трофејот совладувајќи го ривалот од шпанското првенство, Сиудад Реал, со 27:24. Ова беше седми трофеј за Барселона, а во рок од 24 часа и фудбалерите од каталонскиот клуб го освоија УЕФА трофејот во ЛШ, причина плус за двојно славење во Барселона.

2012 година (Кил)

Со промените во клубот и спонзорите, Сиудад Реал, во 2012 година беше под името Атлетико Мадрид. Клубот се избори повторно меѓу четирите најдобри, но во финалниот натпревар против Кил беше поразен со 26:21. Тоа беше и последен натпревар за шпанскиот гигант, по завршувањето на сезоната, заврши и судбината на Атлетико Мадрид. На финалниот натпревар, во дресот на Атлетико Мадрид, настапи и Кире Лазаров, беше еден од најдобрите стрелци во својата екипа со пет голови и меѓу најдобрите осум стрелци во Лигата на шампионите.

2013 година (Хамбург)

Во 2013 година на завршниот  турнир учествуваа Хамбург, Барселона, Кил и Келце. Во драматични дуели, Барселона и Хамбург обезбедија место во финалето, а полскиот шампион, Келце, го доби натпреварот против Кил за третото место, со резултат 31:30 (19:12). Хамбург со одличната игра во финалето ја совлада и Барселона, 29:30.

2014 година (Фленсбург)

Фленсбург во 2014 година ја освојува шампионската титула. Во финалниот натпревар беше поуспешен од Кил со резултат 30:28. Третото место го освои Барселона која со Кире Лазаров славеше против Веспрем, 26:25. Во Ол Стар тимот, Тимур Дибиров, од Вардар, беше избран за најдобро лево крило во оваа натпреварувачка сезона.

2015 година (Барселона)

Во својот петти обид со својот четврти клуб, Гудјон Валур Сигурдсон, за прв пат ја освои шампионската титула заедно со Кире Лазаров. Во финалниот натпревар во Келн, ракометарите на Барселона славеа против Веспрем со 28:23, а третото место го освои Келце.

2016 година (Kелце)

Хулен Агинагалде беше човекот на одлука кој со погодениот пенал во финалето со две продолженија и пенали против Веспрем, му донесе историска титула на полскиот Келце. Иако губеа Полјаците со девет гола по 14 минути игра, сепак на крајот успеаја да направат сензационален камбек, а Талант Душебаев стана вториот тренер што ја освоил титула со два клуба (Келце, Сиудад Реал) по Алфред Гисласон (Магдебург и Кил).

2017 година (Вардар)

Нова сензација на завршниот турнир приреди Вардар, кој во полуфиналето за еден гол беше подобар од Барселона, со голот на Лука Циндриќ во последните секунди, 26-25. Во битката за титулата пред Вардар падна уште еден гигант, ПСЖ, кој беше совладан со голот на Иван Чупиќ во последните секунди за 24-23. Арпад Штербик беше прогласен за МВП и ја освои четвртата титула. Ова беше прв Ф4 на кој не играше германска екипа.

2018 година (Монпелје)

15 години откако во финалето го победи шпанскиот Портланд Сан Антонио, тимот на Монпелје повторно се искачи на европскиот врв. Во полуфиналето го елиминира тогашниот шампион Вардар, додека во финалето изненадувачки беше подобар од Нант со 32-26, кој претходно славеше над ПСЖ. МВП на овој Ф4 стана Диего Симоне. Вардар во битката за третото место загуби од ПСЖ со 29-28.

2019 година (Вардар)

По Кил и Барселона, Вардар стана третиот тим што два пати ја освоил титулата на завршните турнири во Келн, а Роберто Парондо стана вториот што освои трофеј и како играч и како тренер по Талант Душебаев. Иван Чупиќ стана првиот ракометар што освоил три титули во Келн (претходно една со Вардар и една со Келце), а Игор Карачиќ беше прогласен за МВП. Вардар имаше спектакуларен камбек со Барса и иако губеше со седум разлика, на крај славеше со 29-27, а во финалето го победи Веспрем со 27-24.