ИНТЕРВЈУ МАРТОН СЕКЕЉ: Сакам со титула да испишам историја во Битола

Унгарскиот репрезентативен голман Мартон Секељ за седум месеци ги освои срцата на битолските и македонските ракометни фанови чувајќи го голот на Еурофарм Пелистер. Тој е еден од главните виновници што битолскиот тим има одлична сезона и е пред историски успех во Европската лига. Чуварот на мрежата во викенд-интервјуто за 24ракомет открива дека ужива во Македонија и во Битола, за него е задоволство и привилегија да настапува во земја каде ракометот е спорт број еден и каде се чувствува како херој кога шета по улица. Искуството да се биде ракометар во македонски клуб за него е уникатно, а семејството и желбата да биде покрај сопругата и синот е единствената причина поради која летово, по само една сезона во редовите на Еурофарм Пелистер, ќе си замине од екипата.

Мартон пријатно изненади со тоа колку разбира и зборува македонски, иако интервјуто на негово инсистирање беше на англиски.

„Разбирам 50-60 посто и доколку соговорникот зборува полека можам и се да разберам. Зборувам многу малку. Учев курс затоа што ми беше јасно дека ќе ми биде потребно да знам за да имам подобра комуникација и во клубот и со соиграчите. Исто така тоа го сметам како гест за почит кон клубот и кон градот во кој играм. Не ми беше тешко затоа што и во Веспрем имав многу соиграчи Балканци, па поднаучив малку балкански јазици.“ (се смее)

Неговата ракометна приказна започнува во четврто одделение, кога започнува да се натпреварува за училишната екипа. Родители му се големи љубители на спортот, неговата мајка долго време се занимавала со мечување, додека татко му аматерски игра тенис, па поради тоа се труделе и синот да го насочат во спортски води. Мартон една година тренирал кунг фу и на шега вели дека поради тоа има некои потези кои ги применува при одбраните денеска. Настапувал и за училишната футсал екипа, каде прво играл одбранбен играч, но незадоволен од перформансот на голманот, тој застанува на голот. Кога почнал со ракомет бил висок и слаб и го ставиле да игра лев бек, но не можел да постигне гол од девет или шест метри (немал доволно силен шут) и го преместиле на крило.

„Постојано им велев дека сакам да бидам голман. На футсал убаво се чувствував меѓу стативите, тоа ми беше комфорна зона. Бев мрзелив и за трчање и на крајот ми ја исполнија желбата – станав голман“, раскажува Секељ.

Една или две години паралелно тренира и футсал и ракомет, за на крајот да се насочи комплетно на ракометот. Младинските категории ги минува во Плер во Будимпешта, а со овој клуб го потпишува и првиот професионален договор. За соиграчи ги има Мате Лекај и Золт Балог со кои ќе стигнат до финале во Унгарскиот куп. Кариерата ја развира во Балатонфуред, Чурго и Татабања, за во 2018 година да добие понуда од Веспрем да биде на голот заедно со Арпад Штербик. Но, условите се менуваат, тој ќе стане трет голман во Веспрем и нема да има соодветна минутажа. По трагедијата која ја доживеа Порто лани – смртта на Алфредо Кинтана, Секељ на барање на тренерот Магнус Андерсон минува една полусезона во португалскиот клуб каде е соиграч со Никола Митревски. Потоа патот го води кон Балканот, односно Македонија и Еурофарм Пелистер, средина во која одлично се адаптира.

Унгарецот не крие дека му е убаво тука. Начинот на кој е прифатен, екипата и соиграчите, резултатите на клубот, а и навивачите и љубовта која ја имаме кон ракометот и спортот воопшто го воодушевуваат. Ја сака македонската традиционална храна (пастрмајлија му е меѓу омилените). Со оглед на густиот распоред и професионалните обврски единствено успеал приватно да го посети Охрид, каде бил заедно со цимерот Немања Обрадовиќ. Секогаш кога има два-три дена слободни ги користи за да оди дома, во Унгарија, каде се неговата сопруга и синот, кој е стар година дена, а кои не се во можност да го придружуваат во Битола. Тие се главната причина поради која заминува на крајот на сезоната од Еурофарм Пелистер.

„Главната причина поради која заминувам од Битола по само една сезона е само семејството. Имав понуди од клубови од Германија, Хрватска и други земји, но сакав да одам дома и да бидам со сопругата и синот, кои не сакам да ги загубам“, отворено признава Секељ и додава: „Синот е година дена стар и во Унгарија протоколот за вакцинација за малите деца е многу строг и неопходно е да се почитува и поради тоа тие не можеа да дојдат со мене во Битола. Заеднички донесовме одлука раздвоени да функционираме една година, но навистина е тешко. Tој расте супер брзо, јас пропуштам многу и премногу ми недостигаат.“

МАНАСКОВ МЕ НАСОЧИ КОН БИТОЛА, МИТРЕВСКИ ИМАШЕ САМО УБАВИ ЗБОРОВИ

Унгарскиот репрезентативец кога се одлучува да дојде во Битола, за него градот и клубот не се непознати. Како ракометар на Татабања и Веспрем, тој има гостувано во „градот на конзулите“. Како соиграч на Дејан Манасков во Веспрем и на Никола Митревски во Порто, тој исто така има слушано само убави работи за Битола и Еурофарм Пелистер.

„Еурофарм Пелистер и Битола не беа непозната средина за мене. Напротив како играч на Татабања имам гостувано во Битола во ЕХФ купот, тогаш клубот беше Еурофарм Работник. Потоа со Веспрем се соочивме во СЕХА лигата и имав позитивни импресии од тие гостувања. Дејан Манасков, кој ми беше соиграч во Веспрем при еден разговор (по заминувањето од Порто) ми кажа дека Хендави си заминува од Еурофарм Пелистер и дека на клубот му треба голман. Никола Митревски ми беше соиграч во Порто, делевме минутажа на голот и имаме одлично пријателство. Тој е од Битола и секогаш, во неврзан кафе-муабет кога сме зборувале за клубот или за градот, тој имал убави зборови и за навивачите, атмосферата… Зборував и со Штербик, Шишкарев, Македа, Мораеш… тие играле во Вардар, но и тие имаа само убави зборови за тоа каква ракометна нација е Македонија, во каков амбиент и атмосфера се играат натпреварите и дека секој клуб има свои навивачи – фанатици (се смее). Добри работи слушнав и за македонската лига, и имав убаво претчувство. Сум играл со многу Балканци, но сакав и вистински да ја почувствувам енергијата која ја има тука и секако да учам нови работи и да напредувам“, објаснува Мартон Секељ.

„Со оглед на тоа дека Унгарија заедно со Словачка беа организатори на Европското првенство (она во јануари) важно ми беше и да играм во добар тим, кој ќе се натпреварува во Европа. Кога разбрав дека Еурофарм Пелистер гради екипа за во групната фаза од Европската лига тоа за мене беше одлична опција. На тој начин ќе играм и на високо ниво и ќе можам да и помогнам и на екипата, но и на репрезентацијата. Некои медиуми во Унгарија не ја разбираа мојата одлука да дојдам и да играм во Македонија, но мислам дека тоа е поради фактот што не ја знаат историјата на ракометот во Битола, но и за тоа каква ракометна нација е Македонија.“

УНГАРСКАТА ЛЕГЕНДА МАРОСИ МУ РАСКАЖУВАЛ НА СЕКЕЉ ЗА ПЕЛИСТЕР

Интересен податок кој Мартон сподели со нас е дека таткото на неговата сопруга е унгарската ракометна легенда, бекот Ласло Мароси, кој играл за Лемго во сезоната 1995/96 кога клубот се соочил со тогашен Пелистер Еврокар во полуфиналето на Европскиот куп на победници. Мароси исто така му помогнал на Секељ да сфати каква ракометна историја има клубот.

„Татко на мојата сопруга е Ласло Мароси, унгарски ракометар и репрезентативец, кој играл во Лемго кога Пелистер им бил противник во полуфиналето од Купот на победниците. Тој ми раскажуваше за Битола, за ‘Чкембари’ и за атмосферата, кога се кренал паркетот во салата… Имам голема поддршка од него и добивам одлични совети и тој ми даде добри информации за клубот и градот“, признава голманот.

ВО ШАМПИОНСКА МИСИЈА

Чуварот на мрежата не крие дека сака да испише историја со Еурофарм Пелистер и да донесе титула во Битола.

„Каде и да играм сакам да го дадам најдоброто од себе и да исполнам колку можам повеќе цели и да освојам колку може повеќе титули и трофеи. Со освојувањето на Суперкупот видовме сите ние (играчите) колку многу ја израдувавме управата на клубот, навивачите, градот… Сакаме така да биде и на крајот на сезоната. Во Европската лига сме во одличен ритам. И со ова што го правиме сега го имаме еден од најдобрите резултати во последните не знам колку години. Последен пораз на домашен терен ни е лани во октомври од Ним и доколку го задржиме таквото темпо, односно ги добиеме и последните два натпревари со Татабања и АЕК во групната фаза имаме шанса да завршиме и на првото место. И тоа е одличен резултат и тоа е историја! Ако го задржиме ваквиот победнички правец без разлика кој и да дојде во елиминациите имаме шанса да направиме нешто големо, па и пласман на Ф4, зошто да не!? Сè е можно! Екипата покажа дека има хемија, дека има карактер. Жалам што во декември одигравме едно несреќно реми со Вардар во Битола. Сега ќе мора да бидеме многу подобри во плеј-офот ако сакаме да бидеме шампиони, но верувам во тимот и дека ако го дадеме најдоброто од себе имаме шанса и за титула. Купот, исто така е еден меч кој ќе одлучи сè. Ќе видиме, ако имаме можност треба да ја зграпчиме. Сакам да испишам историја со клубот, тоа е мојата мисија.“

ОД НАС ЗАВИСИ ДАЛИ ЌЕ БИДЕМЕ ЛИДЕРИ ВО ГРУПАТА

Во Европската лига, Еурофарм Пелистер има одлична шанса да застане на првото место во групата Д и од таму да патува во осминафиналето. На две кола до крајот на групната фаза се чини дека имаат сè во свои раце, и дека се ќе зависи од тоа како ќе одиграат на гостувањето кај Татабања, следната недела, а потоа и на домашен терен со грчки АЕК.

„Татабања е екипа која одлично ја познавам. Татабања е мој град, каде живее моето семејство, но и на првиот меч мислам дека покажав дека давам 100 посто за клубот чии дрес го носам – Еурофарм Пелистер. Мислам дека имаме реални шанси против нив да дојдеме до двата бода кои ни се потребни за да се најдеме на првото место на табелата. Ќе дадеме се од себе, не се сомневам во тоа. Треба да бидеме паметни. Се зависи од нас! Во прилог ни оди и тоа што Ним има тежок распоред и доколку тие загубат или кикснат, а ние победиме и на двата дуели, ете ја шанса за прво место. Реков, во Битола дојдов за историски успех, па зошто да не завршиме први во групата и тоа да биде историја!?“

НАВИВАЧИТЕ СЕ ФАНТАСТИЧНИ, ‘ЧКЕМБАРИ’ ГОРАТ ОД ЕМОЦИИ

Мартон потенцира дека и Веспрем и Порто и Еурофарм Пелистер се клубови кои имаат свои поддржувачи и сите се посебни на свој начин. Но, воодушевен е затоа што во Битола сите знаат кој е и со посебно внимание и емоција гледаат на спортистите.

„Не само во мое име туку и во името на соиграчите можам да зборувам колку е смешно, во позитивна смисла, дека сите те знаат и те поздравуваат на улица, во ресторан, во кафуле… Велат ‘Може да го победите Вардар’ или ‘Ќе донесете титула во Битола’. Средината е одлична, топла, спортска и тоа е токму она поради кое дојдов тука, да играм ракомет и да го дадам најдоброто за клубот, а не да бидам турист. И кога ќе видите таква емоција, почитување, поддршка и ќе добиете таква атмосфера за игра каква што имаме ние секојпат кога играме дома, секако е дека сакате да возвратите со одличен резултат, со победи, со титули“, потенцира голманот и продолжува: „’Чкембари’ се фантазија. Како горат се со емоција, безрезервно стојат позади екипата – неверојатно. Никогаш нема да заборавам дека од Битола патуваа цела ноќ до Белград и ја ‘запалија’ салата, пееја, го даваа најдоброто од себе од трибините, а тоа те тера да го дадеш најдоброто од тебе на теренот. Она што исто беше неверојатно за мене е што по завршувањето на ЕП, каде Унгарија беше елиминирана по групната фаза се вратив во Битола разочаран. Отидов на ручек во мојот омилен ресторан и уште бев малку пост-евро нерасположен, а келнерите доаѓаа и ми честитаа за тоа како сум играл, ми кажуваа дека се радуваат што одлично сум бранел. Бев изненаден! Мислев дека сите го следат настапот на Македонија, но излезе дека го следат и на сите ракометари кои играат за клубот, па и мојот.“

РИТУАЛ: ГОЛОТ ТРЕБА ДА ЈА ПОЧУВСТВУВА МОЈАТА ЕНЕРГИЈА

Мартон Секељ на диреците, стативата и мрежата гледа како на свои сојузници во текот на еден натпревар и смета дека тие треба да ја почувствуваат неговата енергија пред почетокот на истиот.

„Како некој ритуал или нешто што е типично за мене пред почеток на загревање за натпревар е што одам на голот и ги допирам диреците и мрежата. Кога бев помлад мрежата ја тргав затоа што се плашев да не се лизнам и да се повредам, додека сега тоа го правам затоа што сакам голот да ја почувствува мојата енергија, моите вибрации, тој ми е сојузник во текот на еден меч. Мислам дека секој ракометар има некој ритуал или рутина пред натпревар. Но, за разлика од некои шпански играчи кој ги знам и кои ако не го направат ритуалот по ред мислат дека ќе се случи нешто лошо, јас не полудувам.“ (се смее)

САКАМ ДА ИГРАМ ДО 45 ГОДИНИ, А ПОТОА ЌЕ ГО ПРЕНЕСАМ ЗНАЕЊЕТО

Покрај клупската, Секељ гради и репрезентативна кариера. Ќе ги мине сите младински репрезентативни филтри, за од 2013 година константно да е во комбинација за националниот тим. Во последните пет години е стандарден и има настап на две Европски и две Светски првенства за Унгарија. Голманот знае точно што сака во кариерата – да игра колку што може подолго, да настапи на една Олимпијада, а потоа знаењето да го пренесе на младите. Веќе има и тренерска лиценца која му го овозможува тоа.

„Сакам колку што можам подолго да играм, до 45 години ако може. (се смее) Желба ми е во кариерата да настапам на Олимписките Игри. Првата шанса ја пропуштивме, сега имаме нова за Париз 2024, или ако навистина играм до 40 години, може и таа потоа во Лос Анџелес, зошто да не!? Потоа сакам знаењето да го пренесам на другите генерации. Не успеав да завршам Универзитет затоа што се одлучив професионално да играм ракомет, но затоа учев и добив лиценца за тренер на голмани и тоа е она што сакам да го работам кога ќе ставам крај на играчката кариера“, вели Секељ.

Мартон веќе има планови за иднината, но она на што е насочен во моментов е успехот со Еурофарм Пелистер. Победничката формула ја гради со соиграчите – на терен, на кафе (најчесто со Марко Кизиќ и Филип Ивановски) и се надева дека од Битола ќе замине со високо крената глава – победнички.