ИНТЕРВЈУ – Марија Николиќ: Грците во Солун бараат да им најдам билети за Вардар во ЛШ во Скопје

Македонската интернационалка во шампионатот на Грција и во тимот на ПАОК од Солун, кој е шампион на оваа земја, пивотменката Марија Николиќ деновиве е актуелна со потпишување на нов договор за оваа екипа. Таа ја продолжи соработката со тимот така што и во новата сезона ќе го носи дресот на овој тим со кој имаше одлични резултати во последните сезони

Николиќ веќе четврта година е во редовите на ПАОК и ова најверојатно ќе и биде и последната година во кариерата. Најавите се дека планира да ја заврши професионалната кариера и да се посвети на други предизвици во животот.

Инаку, веќе одлично говори грчки јазик иако во првата година немало потреба да учи бидејќи во тимот имало поголем број на ракометарки од Балканот.

Николиќ имаше позитивни коментари за продолжувањето на соработката со екипата од Солун.

„Официјално потпишав нов договор со екипата на Паок. Ова ми е веќе четврта 4 сезона по ред во овој тим. Коронавирусот ни ги поремети плановите коишто ги имав. Сепак, задоволна сум бидејќи и покрај сите финансиски проблеми и намалување на платите ќе биде добро. Речиси секаде договорите за следната година се кратат, но овде ќе има покачување за да се покрие она што го загубивме со паузата“, во интервју за 24 Ракомет, коментира пивотот Марија Николиќ.

Екипата одговара на нејзината цел во кариерата и дефинитивно и сезонава ќе биде навистина интересна.

„И во новата сезона нашата цел е освојување на двојна круна, но сè ќе зависи од ситуацијата. Најголема конкуренција веројатно ќе ни биде тимот на Верија, но сметам дека можеме да дојдеме до трофеите и во првенството и во Купот на Грција. Сакаме да играме и во Европа, но зависи од ситуацијата и зависи од тоа како ќе се одвива работата со пандемијата. Мене ми се допаѓа во тимот на ПАОК. Веќе знам како е и кои се моите колешки бидејќи повеќето остануваат. Се споменуваат засилувања од Србија, но и неколку Македонки меѓутоа не знам за кои ракометарки се работи. Знам дека е во план да се ангажира уште еден пивот бидејќи нашата игра се базира на пивотите“ .

Публиката во Солун особено на фудбалските натпревари знае да биде агресивна, но кога е ракометот во прашање, особено женскиот дава голема поддршка за ракометарките.

„На обични натпревари особено онаму каде што пред почетокот нема резултатска тензија и нема многу навивачи. Главно на трибините тогаш се ракометарки од екипи од Солун, родители и некои од нашите најверни навивачи. Кога играме во Европа или играме дерби натпревар тогаш ситуацијата се менува и е сосема поинаку. Тогаш на трибините е преполно и ова ми беше навистина изненадувачки особено што се работи за женски ракомет. Изненадувачки беше и тоа што кога дојдов тука во првата година претрпевме пораз во Купот. Очекував жестоки реакции, но место тоа навивачите пееја и ни дадоа поддршка. Имаме поддршка и од навивачки групи кои се од Австралија и од Африка. Едноставно немам играно пред подобри навивачи во мојата кариера“.

Според неа најсилната лига на Грција е на повисоко ниво според квалитетот во однос на лигата во Македонија во моментов.

„Со оглед на тоа каква е ситуацијата во македонскиот ракомет во моментов и како изгледа лигата сметам дека шампионатот на Грција е за едно до две нивоа пред нашето првенство. Не се работи за лига која е пресилна бидејќи однапред се знае кој кого може да го победи. Неизвесно е за 3 место каде што има неколку израмнети екипи. Се прави многу за да се тргне чекор напред, но уште не знаат што е тоа професионализам. Организацијата не е на високо ниво. Сметам дека требаат тренери странци кои ќе покажат како треба да функционираат работите. Сега засега само тренери од Грција ги водат женскиот тимови. Јонијас имаше тренер Србин и тука веднаш се забележа разлика. Тренерот кој сега го води машкиот тим на Аек беше претходно кај нас во ПАОК. Кога тој дојде во клубот исто така веднаш се забележа разлика“.

Таа веќе има донесено одлука ова да и биде последната сезона во професионалната кариера, а дали ќе остане на тоа размислување ќе биде познато веројатно следната сезона во овој период.

„Според моменталното размислување ова ќе биде мојата последна сезона од професионално играње на ракомет. Одлучив да останам во ПАОК бидејќи тука се чувствувам најубаво. Сега засега ова е моето размислување бидејќи имам други приоритети во животот. Сепак, ова не е мојата дефинитивна и конечна одлука“.

Веќе го има усовршено и грчкиот јазик и знае добро да зборува и да пишува.

„На почеток немав потреба да го знам грчкиот јазик бидејќи во тимот бевме три Македонки, имавме помошник тренер Србинка, една ракометрка од Данска со српско потекло. Оттаму првично комуникацијата одеше на англиски јазик или со превод на српски. Сега немам проблем. Веќе научив да зборувам и да пишувам, но имам проблеми со граматиката бидејќи е навистина тешка“.

За животот вели дека е исто како и тука во Скопје, па практично се чувствува како дома.

„Начинот на живот во Солун е ист како и кај нас. Постојано има седење на кафиња, дружба, весели луѓе… Сакаат забави, градот е преубав и никогаш не може да биде досадно. Живеам во центарот на градот и сè ми е близу. Тука ми е близу и морете така што можам да прошетам и секој слободен момент го користам за прошетка. Не се чувствувам дека сум далеку од дома бидејќи кога јас не сум во можност да дојдам дома, тогаш доаѓаат моите“.

Вели дека немала проблеми досега поради тоа што е Македонка. Секаде има луѓе кои сакаат да се покажат како големи националисти, но ја има поддршката од навивачите и од луѓето во клубот така што тие се секогаш на нејзина страна.

„Како поминуваат годините и како се борам за клубот добивам сè поголема поддршка и од навивачите и од луѓето кои се од клубот. Никогаш досега не сум имала лоша случка. Секогаш сум добивала поддршка. Дури мислам и доколку имало некоја објава против мене, навивачите се тие кои застануваат во моја одбрана“.

Во Грција ракометот добива на сè поголема популарност и многу лица особено од Солун често доаѓаат во Скопје за да го следат Вардар. Сакаат да научат ново и да напредуваат.

„Многу луѓе кои се од Солун постојано доаѓаат во Скопје за да го гледаат Вардар. Често бараа од мене да им најдам влезеници за да можат да ги следат средбите од Лигата на шампионите. Како поминува времето тие сакаат да покажат дека можат да направат чекор напред и да научат. Иако во Грција, ракометот уште е аматерски спорт, сепак, постојано се следи сè, се учи, се крадат финти. Особено беа разговорливи и се фалеа кога успеаја да не победат во Кожани. Тогаш имаше коментари дека прават исчекор напред и дека имаат играчи кои знаат да одиграат добро и против поквалитетните од нив“, вели пивотот Марија Николиќ во интервју за 24 Ракомет.

Се работи за ракометарка која има 26 години и која веќе неколку години е дел од репрезентацијата на Македонија. Пред да замине во ПАОК играше за екипата на Металуг, а дали тимот од Солун ќе и биде последниот во кариерата ќе биде познато во следните 12 месеци.