ИНТЕРВЈУ АНТЕ ГАЏА: Целиме високо, за да стигнеме далеку!

Организаторот на играта на Вардар, Анте Гаџа е една од клучните алки во „црвено-црниот“ тим во последните две сезони. Хрватскиот репрезентативец деновиве е актуелен и поради шпекулациите дека ќе остане во Скопје и во иднина. Тој, во викенд-интервјуто за 24ракомет потврди дека преговорите со македонскиот првак се во финална фаза и дека детали го делат од продолжување на соработката. Пред да мисли на следната сезона, средниот бек е фокусиран на денешниот дуел со Еурофарм Пелистер, кој може Вардар да го донесе на чекор до нова, јубилејна шампионска титула, како и на осминафиналниот двомеч со Веспрем во Лигата на шампионите. Вардарци целат високо, за да стигнат високо – тоа е мотивацијата која Давид Дејвис во различни форми ја носи на секој тренинг и кој им дозволува и на играчите да сонуваат за големи работи.

Анте Гаџа првпат во допир со ракометот доаѓа на 9 години кога во неговото училиште во Иваница доаѓа ракометен тренер. Тој неколку месеци претходно ќе тренира фудбал, но се пријавува и за ракомет, кој станува негова прва љубов. Уште во почетоците, во мини ракомет бил технички добар во водење на топка и бил поставен на позиција среден бек. Основите ги учи во екипа Дуго село – место оддалечено половина час од Иваница, кои се државни прваци во млади категории, а има настапувано и на неслужбеното Светско првенство за млади „Партиле куп“. До 12 години таму се развива играчки и уште како многу млад сфаќа какви жртви бара професионалниот ангажман.

„Уште во тие години сфатив колку е работата сериозна. Морав да координирам училиште, тренинзи и патувања. Ми стана јасно дека ако сакам да бидам ракометар треба многу работи да жртвувам. Потоа и во средно училиште, кога се префрлив во младинскиот тим и втората екипа на Загреб беше исто. Сите по часовите одеа на кафе и на дружење, а јас морав на воз за Загреб за да стигнам на тренинг или натпревар“ – се потсетува Гаџа.

Во Загреб е тешко да дојде до израз и да најде место во првиот тим покрај ѕвезди како Балиќ, Лазаров, Гал, Шкоф…па одлучува да продолжи во друг клуб. Оди во Медвешчак, клуб со голема историја и традиција, а по потоа преминува во Умаг, каде е дел од одлична екипа, а и игра одлично. Од овие два клуба почнува неговата професионална кариера. Стигнува понудата од Нексе, каде во почетокот нема многу простор за игра, но Анте е трпелив и ја чека својата шанса. Неа ја добива кога екипата ја превзема Хрвоје Хорват.

„Со доаѓањето на Хорват, се се смени. Тој ни даде шанса на нас помладите и многу научив од него. Хорват е голема пресвртница во мојата ракометна кариера. Можам да кажам дека тој ме направи играчот кој сум денеска. Неговиот поглед на ракометот има некои делови на шпански систем и тој ми даде нов поглед на ракометот и на мојата игра како среден бек. Ми беше тешко на почетокот, но покрај него напредував. Игравме одличен ракомет две-три сезони и во последната во Нексе бевме и на чекор до Ф4 во ЕХФ купот и навистина ми е жал што не успеавме да се најдеме таму.“

Од Нексе неговите играчки апетити растат и тој доаѓа во Загреб со кој првпат игра во Лигата на шампионите. Ковид-ситуацијата ги комплицира работите и кога доаѓа понудата од Вардар – тоа е нешто што не се одбива!

„Бев на одмор кога ми се јавија Стевче (Алушовски) и Михајло Михајловски и ми дадоа понуда. Бев воодушевен штом слушнав. Вардар е институција и сите знаеме што значи Вардар во ракометна Европа и секако дека прифатив“ – раскажува Хрватот.

ДЕТАЛИ МЕ ДЕЛАТ ОД НОВ ПОТПИС

По две години минати во Скопје, се чини дека престојот на хрватскиот репрезентативец ќе биде продолжен.

„Да, излезе информација дека сум потпишал, но тоа не е вистина. Точно е дека сум во преговори, имавме состанок со Михајловски и многу брзо ќе се знае сè. Голема е веројатноста дека ќе останам во Скопје, уште неколку детали не делат од нов потпис“, вели Анте Гаџа.

СИН МИ СЕ РОДИ ВО СКОПЈЕ

За Гаџа и неговото семејство (сопругата, ќерката и синот) Скопје е како дома. Синот на ракометарот е роден во нашата престолнина, а тоа е уште една емотивна нишка која секогаш ќе го поврзува со Македонија. За него ова е прво интернационално искуство, но фактот дека сме блиски со менталитетот животот им е убав тука.

„Синот ми се роди во Скопје и секако дека без разлика што и да донесе иднината секогаш ќе бидеме емотивно поврзани со градот и со Македонија. Убаво ни е овде, уживаме!  На почетокот нормално не беше лесно, но најважно е дека немаше јазична бариера, слични сме по менталитет. Близу сме до дома. Сопругата ми е од Осијек, кој е оддалечен на пет часа возење. Луѓето се топли, срдечни, ракометот е спорт број еден и те застануваат на улица, те поздравуваат. Со соиграчите сме како поголемо семејство, се дружиме фамилијарно, Кјара (ќерката) оди во градинка. Живееме во близина на Градскиот парк и секогаш кога е убаво времето и имам слободно време се трудиме да идеме во природа. Македонија е преубава и иако кога имаме два-три дена слободни си одиме во Хрватска кај семејството, сепак искористивме и за да прошетаме до Охрид и Маврово. Гурман сум, ја сакам македонската храна која е блиска на хрватската, но скарата ми е број еден“, низ смеа вели Гаџа.

Кога е надвор од ракометниот терен, сопругата и децата му се во фокусот, додека за себе, како оддишка Гаџа сака да гледа серии на Нетфликс, да прочита некоја книга, но и да се релаксира со други спортови. Следи сè што е спорт, сака НБА, а знае и да се занесе играјќи „Фантази“.

ЦИНДРИЌ, КАРА, ЧУПКО: НЕМА ДА ЗАЖАЛИШ АКО ПОТПИШЕШ ЗА ВАРДАР!

Хрватскиот репрезентативец вели дека одлично го познавал Вардар од гостувањата во СЕХА лигата, но дека сепак ги прашал своите сонародници кои го носеа „црвено-црниот“ дрес – Чупиќ, Карачиќ, Циндриќ, за совет пред да дојде во Скопје.

„Многупати сум гостувал во Скопје и сум играл против Вардар во СЕХА. Сме зборувале и со другите играчи кои претходно играа во Вардар и немаше многу испрашувања. Сепак, побарав некој совет и единствено што имаа да кажат беа пофални зборови. Чупиќ, Карачиќ, Циндриќ, кој е моја генерација, сите се врзани за Вардар и Скопје. Колку за пример Циндриќ секој слободен момент е во Скопје, дури и Нова Година славеше тука. Тие ми рекоа нема да зажалиш ако дојдеш во Вардар и навистина е така.“

СТОЛЕ И ТИМУР – ЛЕГЕНДИ ОД КОИ ТРЕБА САМО ДА УЧИШ

Со доаѓањето во вардаровото семејство Анте Гаџа согледува која е хемијата и врската која го држи клубот, соблекувалната и што е она што го прави голем.

„Кога дојдов тука станав соиграч со легенди, имиња како Чупиќ, Стоилов, Дибиров – кои се икони на Вардар, Борко… играчи од кои пред сè многу го сакаат Вардар. Тие прават секој нов ракометар веднаш да се почувствува како дома, да го прифатат и да го воведат во филозофијата и во системот во кој функционира екипата. Мое беше само да слушам! Секој нивни совет е добронамерен, те воведуваат во системот, соработката на терен, играта, она што е Вардар на и надвор од сала. И сите сакаат заедно да растеме и да бидеме подобри. За нив Вардар е сè и да бидам искрен го ‘пиев’ секој нивен збор на почетокот!“

„Низ кариерата некако најдобра комуникација имам со пикери. (се смее) Можеби затоа што со нив најмногу соработувам. Со Шипиќ сме кумови. Сега во Вардар се дружиме сите. Повеќето од нас се со мали деца, па и фамилијарно сме поврзани со Ѓукиќ, Стоилов, Дибиров, со Талески, кој ми е и цимер. Ако со некого ми било тешко да соработувам тоа беше Куни на почетокот. Не затоа што имавме лош однос или не се согласувавме, туку поради јазичната бариера. Куни зборува само шпански, јас шпански не знам и беше многу тешко да комуницираме и да се договориме што ќе играме. Сега ситуацијата е сосем поинаква. Развивме начин на комуникација со значи, Дејвис е тука не координира и подобро е, но ете тоа можам да го посочам како потешкотија со која се соочив.“

Во периодот од две години во кои Анте Гаџа е во Вардар имаше можност да соработува и со Стевче Алушовски, Веселин Вујовиќ, како и сега со Давид Дејвис и бекот се обиде да направи паралела.

„Стевче беше во Вардар во период кога многу работи се менуваа. Замина Самсоненко, се врати Михајловски, многу промени во играчки кадар и секако дека не му беше лесно. Тренерски тој се обидуваше да го задржи стариот начин на работа – не менуваше многу од шпанскиот систем, но поради коронавирусот и сите случувања имаше тешка и турбулентна сезона. Вујо е свој и има свој начин на работа и игра. Бараше некои сосем различни работи. Не му беше лесно ни на него! Да вклопи девет нови играчи во екипа и на ден пред почеток на Лига на шампиони да дојдат и браќата Њокас, тоа е многу. На почетокот сè изгледаше добро, некако се поклопија коцките, а тоа го потврдуваа и резултатите. Сите бевме свесни дека нема да биде така идеално секогаш, што и се потврди со она црна серија, која резултираше и со негова смена. Дејвис е друга приказна. Одличен тренер, кој форсира тип на ракомет кој јас го сакам. Секој знае што прави, има одличен систем и многу соработка со пикери. Верувам дека како поминува времето ќе стануваме се подобри.“

ПЕЛИСТЕР ЌЕ ОДИ НА „СĖ ИЛИ НИШТО“, НИЕ БРАНИМЕ ТРАДИЦИЈА

Факт е дека Вардар веќе изгледа подобро и поинаку во вториот дел од сезоната. Најважното допрва следи. Денеска суперлигашкиот дуел со Еурофарм Пелистер во Скопје, кој може да го донесе Вардар и чекор поблизу до јубилејната 15-та титула во домашното првенство. Потоа следи Веспрем и двомечот во осминафиналето од Лигата на шампионите.

„Подготвени сме за Еурофарм Пелистер. Мислам дека голем дел од работата завршивме во првиот дел од сезоната и сега сме во предност. Со победа ќе бидеме поблизу до титулата, иако рано е, средина на март сме, има уште многу да се игра. Сепак, важно е во Скопје да се направи тој голем исчекор кон титулата. Ја имаме предноста од домашниот терен, ќе играме пред нашата публика, која најавува фешта на трибините. Од друга страна ние сме шампиони, бранители на титулата, со традиција и искуство кога станува збор за освојување на трофеи. Сметам дека сме и поквалитетен тим, но тоа треба да го покажеме на теренот. За разлика од нас, Еурофарм Пелистер нема што да загуби, тие доаѓаат на ‘се или ништо’ и токму тоа ги прави опасни и незгодни. Ние на наш терен и пред наша публика мора да се погрижиме да си заминат со ‘ништо’.“

ДЕЈВИС ЌЕ НАЈДЕ „ДУПКА“ ВО ИГРАТА НА ВЕСПРЕМ

„Еурофарм Пелистер во моментов ни е најважен. Веспрем уште не сме го гледале, ниту сме почнале со анализи. Сепак, тоа е клуб кој е добро познат за нас, со огромен буџет и традиција. На секоја позиција имаат по тројца врвни играчи и кој и да игра, екипата е на ниво. Ривалството нивно со Вардар е големо и познато и нема многу што да се зборува. Верувам дека Давид ќе даде се од себе за најдобро да не подготви. Тој многу добро го познава Веспрем, беше и негов тренер и не се сомневам дека ќе најде ‘дупка’ во нивната игра. За наша предност го сметам тоа што првиот меч го играме дома. Ако успееме во Скопје да забележиме победа, тогаш за нив ќе биде уште потешко во реваншот. Не е убаво кога треба да бркате разлика, притисокот е поголем, а со тоа и нервозата. Верувам дека ќе се подготвиме одлично и дека ќе извлечеме што подобар резултат дома. Во ‘Јане’ ќе биде пекол. Веспрем е атрактивен конкурент, па и публиката ќе биде тука за да ни помогне во оваа задача и верувам тоа ќе биде вистински празник на ракометот“, коментира Анте Гаџа и додава: „Давид не тера да целиме високо за да стигнеме далеку! Секој ден наоѓа некој нов облик на мотивација, ни вели дека треба да се цениме себе си и своето знаење и можности. Навистина има одличен начин на мотивација за работи и целиме високо и се надевам дека целите ќе ни се остварат. Можеби ќе звучи нескромно и амбициозно, но сакам да верувам дека сезоната ќе ја завршиме некаде во средината на јуни (се смее), а мислам дека со тоа кажувам сè.“

СЕКОГАШ СУМ ТУКА ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

Првиот настап на големо натпреварување за хрватската репрезентација Анте Гаџа го имаше на Европското првенство во јануари во Унгарија и Словачка. Претходно тој националниот дрес го носи како јуниор, но во сениорската селекција има статус на повремен репрезентативец. Причината за тоа е силната конкуренција на неговата позиција.

„Морам да бидам реален дека конкуренцијата на мојата позиција во репрезентацијата на Хрватска е голема. Пред мене се трите најдобри средни бекови на светот – Дувњак, Циндриќ и Карачиќ. Не е лесно да се наметнеш. Кога беше Лино Червар селектор, добивав повици на поширок список и одиграв неколку пријателски натпревари, но сега првпат со Хрвоје Хорват како селектор бев дел од големо натпреварување – ЕП во јануари. Не бев премногу разочаран кога бев изоставен од тимот, јасни ми се и мене некои работи. Едноставно мило ми е што добивам шанса, што играчи како нив, кои ми се идоли, можам да ги наречам соиграчи и да учам од нив и да ја делам соблекувалната. Хрватска секогаш може да смета на мене. Ако добијам повик ќе бидам таму, ако не – ќе навивам. Мислам дека сега со Хрвоје како селектор и со Балиќ одлично работиме и ќе бидеме се подобри и подобри.“

Анте веднаш ја искористи својата шанса во националниот тим и беше клучен играч за триумфот над Исланд во главната фаза (23:22) со гол во последните секунди од мечот.

„Тоа ми е врв во досегашната кариера, едно од најубавите сеќавања. Тоа го доживеав како нешто најубаво во кариерата, а и привлече многу внимание. Сепак ќе повторам, за мене е чест и привилегија да бидам дел од тоа друштво. Растев со идоли како Балиќ, Дувњак, Хорват, Чупиќ…, а сега соработувам со нив. И во Вардар, легенди како Стоилов, Дибиров ми се соиграчи со кои секојдневно делам соблекувална. Од секој од нив учам како да пораснам и како да бидам подобар спортист во иднина.“

Како за заокружување на разговорот Хрватот истакнува:

„Цел во кариерата ми е без разлика дали со клубот или со репрезентацијата да стигнам на највисокото ниво. Да и помогнам на екипата, да растеме заедно, и да постигнеме најдобар можен резултат. Реков најсреќен ќе бидам ако сезоната за нас заврши дури во средината на јуни.“