Имаше понуда да игра за Шведска, но ја одбра Босна и Херцеговина

Една од најталентираните ракометарки во шведското првенство, Амина Јашаревиќ одлучи да настапува за репрезентацијата на БиХ иако имаше понуда да го носи дресот на шведската репрезентација.

19-годишната ракометарка на Аранас игра одлична сезона во шведскиот шампионат. Иако природна и е позицијата десен бек, сепак може да игра и на другите бековски позиции. Беше на радарите на шведската репрезентација, но нејзиното срце одлучи во иднина да го носи сениорскиот дрес на репрезентацијата на БиХ. Младата ракометарка ќе биде големо засилување во националниот состав предводен од селекторот, Радан Ровчанин.

Женската селекција на БиХ по пауза од 12 години повторно се врати на ракометната мапа, но овој пат раководството на нивната федерација ги зголеми своите амбиции и очекува добри резултати во квалификациските натпревари за настап на Европското првенство во 2022 година што ќе се игра во Македонија, Црна Гора и Словенија.

БиХ во првиот квалификациски круг за противници ги има репрезентациите на Грција, Италија и Летонија. Квалификацискиот турнир ќе се игра од 4 до 6 јуни оваа година.