Игор Вори доби функција во ИХФ

Хрватскиот ракометен сојуз ја објави одлуката на Светската ракометна федерација дека легендарниот ракометар Игор Вори е избран за претседател на комисијата за спортисти во рамките на ИХФ.

Долгогодишниот капитен на репрезентацијата на Хрватска, што освои дури 10 медали од големите натпреварувања, ќе ја извршува оваа функција до август 2021 година, кога ќе се избира ново раководство на ИХФ.

„Голема е честа да се биде на чело на Комисијата за спортисти на ИХФ. Се надевам дека ќе можам да одговорам на таа задача во овие многу тешки времиња за сите нас од ракометот. Целиот свет се соочува со борба против коронавирусот, а спортските организации и спортистите, исто така се наоѓаат во незавидна ситуација. Во соработка со спортистите и челните луѓе на ИХФ се надевам дека ќе најдеме најмалку болно решение за сите нас“, вели Вори.