Иван Чупиќ си заминува: Македонија, Скопје и Вардар остануваат мојот втор дом

Ракометарот со чиј погодок беше освоена првата титула во Лигата на шампионите во 2017 година, Иван Чупиќ денеска го одигра последниот натпревар за Вардар во првенството на Македонија. Тој се збогува со „црвено-црниот“ дрес со двојна круна така што може да се врати во Хрватска шампионски.

После натпреварот против Металург тој ги имаше првите коментари пред заминувањето.

„Во овој момент е тешко да се каже нешто друго освен дека ова беа убави пет години, како на спортски план така и на семеен. Многупати имам кажано како се чувствувам тука. Со моето семејство тука сме како дома. Македонија, Скопје и Вардар ми се втор дом. Многу убави моменти, позитивни работи и среќен сум што си заминувам со двојна круна од Вардар“, вели Чупиќ.

Тој вели дека никогаш нема да заборави ништо и дека ќе се сеќава на речиси сè од она што му се случувало во Скопје.

„Ќе паметам сè. Секој ден, секој тренинг, секое патување. Многу луѓе, многу пријатели, колеги, на теренот и надвор од него, претседателот, луѓето што работат во клубот… сè ќе ми остане во срце бидејќи пет години тука во Вардар и порано со Сергеј и сега со Михајло запознав многумина кои ќе ми останат во сеќавање“.

Во август, пак, најверојатно со Загреб ќе има средби против Вардар во четврт-финалето од СЕХА лигата.

„Професионално ќе ми биде нормално да играм против Вардар, но кога ќе се види што ми е во срцето ќе биде тешко бидејќи тоа се емоции. Се надевам дека тогаш ќе ми се исполни желбата и ќе играме пред полна сала. Се надевам и дека следниот пат кога ќе дојдам во Скопје трибините ќе бидат исполнети до последното место“, коментираше Чупиќ.

Тој освои голем број на трофеи во последните пет сезони така што е еден од оние кои учествуваа во големите успеси.