Ивано Балиќ за 24Ракомет: Ако Македонија се пласира во главна рунда, младоста нема да биде хендикеп!

Ако следите ракомет името Ивано Балиќ е сигурно асоцијација. Ракометниот Моцарт во својата успешна кариера освои светски и олимписки злата, во 2003 и 2006 беше прогласен за Најдобар ракометар на светот, а во клупската кариера има запишана една титула од неофицијалното светско клупско првенство „Супер глоуб“. Ги носеше дресовите на Загреб, Сплит, Метковиќ Јамбо, Портланд Сан Антонио, Атлетико Мадрид и Вецлар каде што ја заврши клупската кариера...

Тешко дeкa можеме да очекуваме некои новини од ова Светско првенство, сите сè уште се прилагодуваме на брз центар, играта 7-6 и мислам дека нема простор за нешто ново. Франција, Шпанија и скандинавските репрезентации подобро се прилагодија на овие правила. Репрезентациите кои на последното првенство беа во завршницата пак се фаворити. Ракометот се движи кон физичка сила, мора многу да се трча. Се игра без фаул, тактички се оди надолу, се назадува. Тоа е тренд, што мене не ми се допаѓа. Оние кои решаваат, решиле да се игра на повеќе голови заради атрактивност, јас не гледам атрактивност.

Играчи кои доаѓаат? Никого не би потенцирал. Треба многу работи да се вклопат за некој млад играч да избие на ова првенство.

За мене ракометот е борбен спорт, физички спорт, во кој да се надмудри некоја одбрана треба да си тактички подготвен и да имаш мозок во главата – тоа е убавината на играта. Ова сега не е убавина на играта. Ова е сега некоја атлетика со топка.

Хрватска во последните години е блиску до врвот со медал од Европско првенство. Тука сме секогаш и секогаш нешто малку недостасува, но доаѓа нов бран играчи и со искусните може да се вратиме во светскиот врв.

Од групата каде што игра Македонија мислам дека Норвешка ќе биде сигурна во следната фаза, а другите три репрезентации секоја може да изненади секого. Македонците се подмладија и вложуваат многу и им посакувам многу среќа на првенството. Ако дадеш сè од себе ќе ја достигнеш и највисоката точка и не треба да се откажеш. Ако Македонците успеат во тоа и се пласираат во следната фаза, таа младост нема да биде никаков хендикеп. Секој спортист треба да верува во своите можности. Македонија може да се пласира во следната фаза.

Финале? Многу тешко е да прогнозираш. Една повреда во екипата може многу да те одалечи од финале.