Здрахала: Македонија никогаш не сме ја елиминирале, но сега Чешка е фаворит

Репрезентациите на Чешка и Македонија во Злин ќе го одиграат првиот натпревар од двомечот во барaжот за Светското првенство.

Во интервју за „Спорт“ своите очекување за натпреварот со Македонија ги кажа првиот човек на чешкиот ракомет Ондреј Здрахала. Кога беше активен на теренот, Здрахала секогаш беше меѓу најдобрите поединци на двобоите со Македонија.

Кога се работи за бараж средби, Чешка ниту еднаш ја нема елиминирано Македонија, меѓутоа Здрахала верува дека тие се фаворити во овој двомеч.

„Тимот е спремен, младите играчи одлично се вклопија. Ќе играме против репрезентацијата која не сме ја елиминирале во квалификациите, но верувам дека на хартија ние сме фаворити. Македонија не е иста од порано, сега е предводена од Кире Лазаров, но се уште е незгоден ривал“, изјави Здрахала.

Запрашан за насоката во која треба да се движи репрезентацијата на Чешка, Здрахала порача дека треба да се следи стилот на скандинавските земји.

„Чешкото првенство финансиски не може да се споредува со Бундеслигата, француската или pолската лига. Нашиот начин треба да биде да го следиме стилот на скандинавските земји“, нагласи Здрахала.

После натпреварoт во Злин, во недела Чешка ќе ни гостува во реваншот од овој двомеч. Ќе потсетиме, македонската репрезентација за овој дуел ќе има максимална поддршка затоа што билетите експресно беа распродадени.