„За обложувачи нема место во ракометот, одвратно е тоа што го направија“

Селекторот на младинската репрезентација на Шведска, Јеспер Остлунд ги коментираше случувањата во кадетската репрезентација на Русија. Кон крајот на месец септември, осум кадетски репрезентативци на Русија беа обвинети поради вмешаност со нелегално обложување за време на Европското првенство за кадети во Хрватска.

За шведскиот весник „aftonbladet“, Остлунд изјави дека со самите негативни постапки направени од страна на младите репрезентативци на Русија, испратена е лоша слика за ракометот.

„Тоа е одвратно. Тие го уништуваат спортот. За обложувачи нема место во ракометот. Мислев дека ова не е можно во едно младинско натпреварување. Тие не влегоа во плејофот и ние веднаш знаевме дека нема да се соочиме со нив на турнирот. Затоа, не сум видел ниту еден натпревар на Русите. Но, подоцна на турнирот, кога се судривме со тимови што беа противници на руската репрезентација, ги прашав „Што се случи со Русија? Дали беа толку лоши? ” Сега веројатно го добивме објаснувањето, иако тие не беа меѓу фаворитите, но сепак завршија многу ниско“.

Дмитри Кандубин, Александер Морозов, Никита Гогољев, Димитри Фролов, Данил Дмитриев, Максим Најдунов, Максим Јермолин и Георги Кириленко ја признаа вината после тестот на полиграф и веднаш беа санкционирани од страна на Ракометната федерација на Русија.

На Европското првенство за играчи до 19 години кое се одржа оваа година во Хрватска, репрезентацијата на Русија заврши на 15 позиција и од следната година ќе се натпреварува во ЕХФ шампионатот.