За да се избегнат чекања и можни доцнења – Екипите од ЛШ ќе патуваат со чартер авиони

Најголемиот проблем за клубовите од ракометната Лига на шампионите во новата сезона ќе биде како да стигнат до местото на одигрување на натпреварите кога ќе треба да гостуваат. Се уште се затворени доста од границите, постои ограничување за движење меѓу некои земји, а тоа го прави проблематично секое евентуално патување.

Новата сезона во најквалитетното европско клупско натпреварување, Лига на шампиони, би требало да започне на 16 или 17 септември со натпреварите од првото коло. Европскиот првак Вардар се најде во група со ПСЖ, ПИК Сегед, Елверум, Порто, Келце, Фленсбург и Мешков Брест, а сите клубови учесници имаа видео-конференција со ЕХФ на која беа договорени неколку важни детали.

Европската куќа на ракометот размислува да најде спонзор кој би ги покривал трошоците за чартер летови за секоја екипа што патува, а тие би биле осум неделно. Така би се избегнале гужвите на аеродромите, со оглед на далечните дестинации и потребното менување авиони ако се патува со редовни линии. Покрај тоа што би се избегнале чекања, би се избегнал и контакт со останатите патници, па ќе има помал ризик од евентуална зараза.

Можно е дури дел од патувањата да го покрие ЕХФ, а другиот дел клубовите. Од оваа сезона клубовите ќе добиваат поголеми финансиски средства за учеството во ЛШ, особено за патувањата. ЕХФ ќе им плаќа за да можат да ги покријат трошоците, плус ќе се наградува секој освоен бод.

Исклучок од ова би биле патувањата на Загреб, Целје и Веспрем, кои би патувале со автобус кога ќе имаат меѓусебни дуели, а евентуално ист случај кога Вардар и ПИК Сегед ќе играат меѓусебе, како и за меѓусебните дуели на Келце и Мешков Брест.

Вардар има патувања на дестинации каде секогаш би требало да сменат најмалку два авиона, а некаде и плус патување со автобус со што времетраењето на патување е доста долго. Користењето на чартер авиони во многу би го олесниле пристигнувањето кај ривалскиот тим

За потсетување, ако се патува со редовни линии, вардарци ќе треба да поминат најмалку 24.000 километри и да бидат најмалку 65 часа во воздух, да менуваат многу авиони што ќе биде голем проблем.