Запознајте ги тимовите во СЕХА: Татран Прешов – Квалитет и континуитет

Во петок ќе започне новата, 11. сезона во регионалната СЕХА лига. И оваа година ќе се игра по истиот систем од лани. Ќе учествуваат десет екипи, поделени во две групи. Во регуларниот дел настапуваат осум екипи, меѓу кои и македонските претставници Вардар и Еурофарм Пелистер, додека Веспрем и Мешков Брест имаат привилегиран статус и ќе стартуваат од четвртфиналето. По осминафинале и четвртфинале, веќе стана традиционално, сезоната да заврши на стартот на следната, во септември, кога ќе се одржи завршниот турнир во СЕХА.

Сторијата за Татран Прешов ќе ја започнеме со фактот дека шампионот на Словачка е еден од четирите екипи кои се дел од СЕХА лигата од самиот почеток во 2011 година. Во оваа друштво уште се и Вардар, Загреб и Нексе.

Во новата сезона Татран Прешов ќе влезе со нов тренер. После четири ипол години се разделија со поранешниот селектор на Хрватска, Славко Голужа со спогодбен раскин на договорот. Новиот тренер на Татран Прешов е еден од најефикасните стрелци во СЕХА лигата и легендата на клубот, Радослав Антл.

Екипата на Татран Прешов е составена од многу интернационалци, голмани се Маркос Колодести и Тилен Лебен кои го носат најголемиот товар, а исто така тука е и младиот Даниел Ондрејчак. На левата позиција играат Шпанецот Серхио Лопез Гарсија, Давид Михалка и Марко Антл кој е син на тренерот Радослав. На десната крилна позиција покриваат Томаш Фех и Португалецот Нуно Сантос. Пикери се Русинот Вјачеслав Касаткин и младиот Петер Кимак-Фејко, а секогаш е подготвен да помогне специјалистот за одбрана Роман Царапкин.

Главен организатор на играта на Татран Прешов е Бразилецот Педро Пачеко кој е задолжен за креирање шанси на своите соиграчи. Покрај него тука е искусниот Александар Радченко и Валентин Куран. На левата бековска позиција е легендарниот Оливер Рабек, негова поддршка се Павел Кабаљеро Фернадез, Доминик Крок, Томас Речичар и младиот Кирил Радченко како и Кравчек. Гиљерме Линарес де Соуза ја покрива позицијата десен бек.

Татран Прешов во уште една сезона ќе влезе со доста квалитетен и егзотичен тим, микс од млади и искусни играчи со различни стилови на игра. Во тимот има играчи од Словачка, Русија, Белорусија, Шпанија, Португалија, Куба и Бразил. На секој натпревар играчите на Татран Прешов влегуваат со страст и покрај тоа што на одредени дуели се аутсајдери. Многупати докажале дека не само што можат да бидат тврд орев за секој противник, туку можат и да излезат како победници од ваквите дуели.