Шоу на Дика Мем: Барса го освои трофејот во Иберискиот Супер Куп!

Барселона по петти пат го освои Иберискиот Супер Куп, откако во финалето во Виго славеше над Спортинг Лисабон со 39-34 (19-18).

Најдобрите машки екипи од Шпанија и Португалија по петти пат го одиграа натпреварувањето, а Барселона и петти пат се најде на врвот.

Каталонскиот гигант одигра одлично второ полувреме и постепено ја презеде целосната контрола во финалето. Во еден момент предноста на Барселона достигна и седум гола (33-26).

Спортинг, за кој настапуваат браќата Кошта, успеа да се доближи на само три гола негатива, но немаше сили за целосен пресврт.

Барселона во финалето настапи и без голманот Сергеј Ернандез, кој во петокот стана татко, додека од 33. минута играше и без Јан Баруфет, кој заработи директен црвен картон.

Најефикасен кај победникот беше Дика Мем со осум гола, додека кај Спортинг најдобар стрелец беше Кико Кошта, кој постигна седум погодоци.

За Барселона ова беше одлична генерална проба пред стартот на новата сезона во Лигата на шампионите.

Во натпреварот за третото место, Порто беше подобар од шпанскиот Бидасоа со 32-25 (19-14).

Во женска конкуренција, трофејот во Иберискиот Супер Куп го освои шпанската Рокаса, која во финалето ја совлада Бера Бера со 25-23 (14-14).