Загреб не доаѓа во Битола, нема да се игра мечот против Еурофарм Пелистер

Дуелот меѓу Еурофарм Пелистер и хрватскиот првак Загреб, нема да се одигра ниту во вториот закажан термин.

Овој натпревар од групата А во регионалната СЕХА лига беше последен со кој требаше да се заокружи регуларниот дел од сезоната, но нема никаква важност.

Со оглед на густиот распоред на двете екипи, како и фактот дека е јасно што Загреб е прв, а битолчани втори во групата, комесарот за натпревари во СЕХА – Марјан Начевски, одлучи овој натпревар да не се игра. Тој ќе биде регистриран со резултат 5:5, а двете екипи ќе добијат по еден бод.

Загреб во четвртфиналето ќе игра со победникот од осминафиналето меѓу Вардар и Металопластика, додека Еурофарм Пелистер ќе се соочи со белорускиот првак Мешков Брест.