ЕХФ го најави ЕП: Македонките го имаат најголемиот предизвик

Женската репрезентација на Македонија по пауза од десет години повторно се враќа на едно големо натпреварување. Македонија заедно со Црна Гора и Словенија ќе бидат домаќини на Европското првенство во ноември, па така македонската селекција не мораше да игра во квалификациските турнири и обезбеди директно место.

Македонија последен пат на Европското првенство учествуваше во 2012 година и беше елиминирана уште во првата фаза од натпреварувањето.

Сега, избраничките на Љубомир Савевски ќе се обидат да се претстават во добро светло пред домашната публика, иако ќе имаат тежок предизвик бидејќи ќе играат против репрезентации кои ќе атакуваат на сериозен успех на ЕП.

Ракометарките на Македонија немаа многу среќа во ждрепката и за противници во првата фаза ги добија селекциите на Романија, Холандија и Франција, која секогаш е меѓу најдобрите европски и светски репрезентации.

Европската ракометна федерација (ЕХФ) преку социјалните мрежи сподели специјална објава посветена за репрезентативките на Македонија истакнувајќи дека ЕП за младите ракометарки на Македонија ќе биде нивниот најголем предизвик во кариерата.

Европско првенство 2022 ќе се одржува во периодот од 4 до 20 ноември. Освен во Скопје, ќе се игра и во Подгорица, Целје и Љубљана.