Еурофарм Пелистер со пораз од Загреб за крај на хрватската турнеја

По трумфите над Целје и Сесвете, ракометарите на Еурофарм Пелистер загубија на третиот и последен пријателски натпревар на подготовките во Хрватска.

Хрватскиот првак Загреб беше подобар од битолчани со 31-26, иако македонскиот тим водеше на полувреме со 14-16.

Кај „плинарите“ недостигаа Гојун и Чупиќ, додека кај битолскиот тим недостигаа повредните Мандалиниќ, Маркоски и Маџовски.

Избраниците на Жељко Бабиќ водеа со 16-20, пред Загреб да ја преземе контролата и да направи пресвврт со серија од шест гола за 22-20.

На четири минути до крај беше 27-26 за Загреб, а оттогаш Еурофарм Пелистер не погоди ниту еднаш до крајот, додека домашните стрелаа четири пати.

Еурофарм Пелистер в четврток им се враќа на обврските во Суперлигата, на 4 февруари е мечот со Охрид, додека веќе на 7 февруари е првиот меч од СЕХА лигата против Партизан на гости во Белград.