Еурофарм Пелистер продолжува без Марин Вегар: Босанецот мора на операција

Еурофарм Пелистер ќе мора да се снаоѓа без услугите на босанскиот репрезентативец Марин Вегар до крајот на оваа сезона.

Левиот бек има повреда на тетивата на шутерското рамо, која мора да се санира со операција што е закажана, а периодот на рехабилитација ќе биде подолг.

Тоа значи дека специјалистот за одбрана на битолчани нема да може да им помогне на соиграчите во тешките битки на домашна и меѓународна сцена.

Договорот на Вегар со Еурофарм Пелистер истекува на крајот од оваа сезона. Тој дојде во Битола од романската Стеауа, а претходно беше дел од хрватскиот Нексе и босанскиот Извиѓач.

Еурофарм Пелистер обезбеди двобој со германскиот Магдебург во осминафиналето на Лигата на Европа, додека во регионалната СЕХА би требало да обезбеди директно место во четврфиналето и да ја скокне елиминациската фаза.