ЕП кадети: Унгарија, Хрватска, Португалија…обезбедија пласман во главната рунда!

На Европското првенство за кадети во Црна Гора, денеска се одигра 2. коло од групната фаза, а по комплетирањето на колото, познати се дел од репрезентациите кои обезбедија пласман во главната рунда.

Репрезентацијата на Унгарија со триумфот над Исланд од седум гола разлика, 30:23 (15:11) се пласира меѓу најдобрите осум репрезентации на кадетскиот континентален собир. Унгарците во првото коло го изненадија бранителот на титулата, Германија, со 35:32, и веќе се наметнаа како главни фаворити на ЕП во Црна Гора.

Првата победа ја оствари Германија, откако успеа да го скрши отпорот на Полска и да триумфира со 33:29 (15:14). Полска рамо до рамо се носеше со Германија во речиси целиот натпревар, а ракометарите на Германија со подобрата одбрана во последните пет минути освоија важни бодови.

Од групата Б, пласман во главната рунда обезбедија Хрватска и Португалија. Репрезентацијата на Хрватска против домаќинот, Црна Гора, немаше многу проблеми, запиша убедлива победа со 25 гола разлика, 46:21, а сите дилеми околу победникот во балканскиот дуел беа решени уште по првите 30 минути кога „коцкестите“ на пауза заминаа со предност од 23:12.

Португалија имаше лесна задача против Италија и оствари рутинска победа со 38:18 (14:10). Со победата над Италија, и ракометарите на Португалија патуваат во главната рунда.

Во групата Д, победа остварија репрезентациите на Србија и Норвешка. Србија со пет гола разлика ја победи Словенија, 30:25 (15:11), додека во неизвесен натпревар до последната секунда, Норвешка беше подобра од Данска со 32:31(15:13).

Норвешка од оваа група веќе обезбеди пласман во главната рунда, а за 2. позиција во игра останаа репрезентациите на Србија и Данска.

Најдобрите 10 селекции од ова ЕП (плус Хрватска) ќе обезбедат место на Светското кадетско првенство во Хрватска наредната година.