ЕП кадети: Двајца Унгарци постигнаа 27 гола, Србија пропушти сензација против Данска!

Денес во Црна Гора стартуваше Европското кадетско првенство, кое ќе се одржува до 14 август во Подгорица. На првите одиграни натпревари победа остварија репрезентациите на Унгарија, Шпанија, Исланд, Шведска, Португалија, Норвешка и Хрватска. Без победник заврши дуелот меѓу Данска и Србија.

Во рамки од групата А, репрезентацијата на Унгарија успеа да триумфира против актуелниот бранител на титулата, Германија, со резултат 35:32 (14:13), додека Исланд без многу проблеми славеше над Полска со 13 гола разлика, 38:25 (20:11).

Унгарците во победата против Германија беа предводени од левиот бек Тамаш Ковач со 15 погодоци и средниот бек Чорго Кирштоф, кој 12 пати се запиша во листата на стрелци. Двајцата ракометари покрај погодоците, имаа и неколку асистенции кон своите соиграчи, па така беа најзаслужни за победата над бранителот на титулата.

Португалија и Хрватска во групата Б имаа успешен старт, откако славеа против Црна Гора, односно Италија. Португалците лесно се справија против домаќинот, триумфираа со 31:24 (16:13). Хрватска потешко од очекуваното ја совлада Италија, 35:31 (17:16).

Данска и Србија одиграа неизвесен натпревар до последната секунда. Иако Србија одржуваше резултатска предност во последниот период, сепак, Данска успеа да се избори за реми, 25:25 (14:14), во натпревар од групата Ц. Во споменатата група, Норвешка ја совлада Словенија со еден гол разлика, 31:30 (18:17).

Во последната група (Д), Шведска обезбеди победа против Фарски Острови, 32:29 (17:15), a Шпанија оствари убедлива победа против Франција со 41:33 (21:17).