ЕП кадети: Германија го фати последниот воз за полуфинале, Франција може да испадне ранг подолу!

На Европското првенство за кадети, кое се одржува во престолнината на Црна Гора, Подгорица, денес се одиграа последните натпревари од главната фаза. Репрезентациите на Унгарија и Германија од групата А и репрезентациите на Шпанија и Шведска од групата Б ќе играат во полуфиналето на ова натпреварување.

Првото полуфинале го сочинуваат репрезентациите на Унгарија и Шведска, а во второто полуфинале ќе играат Шпанија и Германија. Победниците од двете полуфинални средби ќе играат во финалето и ќе се борат за златниот медал.

Актуелниот бранител на титулата, Германија имаше многу среќа во натпреварот против Португалија, кој заврши со нерешен резултат, 23:23 (11:12). Германија и Португалија имаа ист број бодови (3), но бидејќи Германија имаше гол-разлика плус пет, додека Португалија 0, германската селекција патува во полуфиналето.

Унгарија веќе од поодамна го имаше заверено пласман во полуфиналето. Денешниот натпревар против Хрватска немаше резултатско значење за Унгарија , па „коцкестите“ ја искористија опуштеноста во унгарскиот табор и дојдоа до победа од три гола разлика, 28:25 (12:13).

Од групата Б, репрезентациите на Шпанија и Шведска обезбедија место во полуфиналето. Двете репрезентации главната рунда ја завршија со две победи и си обезбедија место меѓу најдобрите четири репрезентации на кадетскиот континентален собир.

Во разигрувањето за пласман од 9 до 16 место, во првата група, Исланд славеше против Италија со 34:28 (16:15), а домаќинот, Црна Гора конечно дојде до триумф, запиша победа против Полска од три гола разлика, 30:27 (15:17). Во втората група, Франција славеше над Србија, 39:35 (22:15), додека Словенија триумфираше против Фарски Острови со 33:23 (20:13).

Црна Гора, Фарски Острови, Исланд и Словенија обезбедија опстанок и ќе играат на младинското ЕП во 2024 година, додека Франција, Полска, Србија и Италија, ќе се борат за последното место што носи опстанок. Три од овие четири селекции ќе играат на младинскиот ЕХФ шампионат во 2024 година.