Заврши европската авантура за македонскиот шампион

Ракометарките на македонскиот првак ЖРК Ѓорче Петров со пораз во реванш осминафиналето од полската екипа Јарослав се елиминирани од европското натпреварување. Гостинките од Полска славеа победа со 30:22  (12:7), со што ја анулираа и негативата од првиот дуел одигран вчера кога Ѓорче Петров победи со 27:26.

Дека ова ќе биде сосема поинаков натпревар од вчерашниот покажа самиот почеток. Македонскиот првак беше конкурентен само во првите 10 минути (5:5), кога на голот ја имаа одличната Слободанка Кицеска. Кон средина на првиот дел седум минути ниту една екипа не постигна гол. Нападот беше послабиот дел од играта и во следните 20 минути на избраничките на тренерот Симе Симовски постигнаа само два гола.

За високиот пораз свое влијание имаа и судиите од Словенија, Жан Пукшич и Миха Сатлер, кои во 23.минута во една сомнителна ситуација ја исклучија голманката на Кицеска (директен црвен картон). Таа при една контра имаше контакт со противничка играчка на 12-13 метри од голот, иако претходно Коларовска ја освои топката. Кицеска дотогаш беше најдобра и имаше 8 одбрани. На нејзино место влезе младата Софи Ѓошевска.

Предноста од ракометарка повеќе полскиот тим го искористи преку Бразилката Банцилон, која во финишот на првиот дел постигна три од своите пет гола.

На почетокот на вториот дел двата тима наизменично постигнуваа голови, за потоа Јарослав да направи серија од 3-0 и со втората серија од 5-0 да ги има највисоките 27:16. До крајот Ѓорче Петров само го намали водството, а во последните пет минути тренерот Симовски им даде шанса и на ракометарките кои беа на клупата.

Најефикасна на дуелот беше ракометарката на Јарослав Гаџина со 8 голови, додека кај Ѓорче Петров капитенот Николовска постигна 5 голови.