Екс голман на Веспрем и Висла на радарот на Еурофарм Пелистер!

Откако стана јасно дека Никола Митревски нема да го брани голот на Еурофарм Пелистер, раководството на битолскиот клуб веќе ја започна потрагата по нов чувар на мрежата. Еден од голманите што е на радарот на „фармацевтите“ е унгарскиот репрезентативен голман, Адам Борбељ. 24-годишниот Борбељ последната сезона ја мина во дресот на Татабања, но нема да го продолжи договорот.

Станува збор за голман што ја мина младинската школа на Веспрем, но унгарскиот тим го праќаше на позајмици во Балатонфуреди и Татабања по една сезона, пред Борбељ да се пресели во Висла Плоцк, чиј гол го чуваше две години со успех.

За Борбељ своевремено се заинтересирал и Вардар кога бараше замена за Штербик, но тогаш тренерот Роберто Парондо добил негативен одговор бидејќи Борбељ сакал да игра во клуб со поголема минутажа и веќе имал потпишано договор.

Лани се врати во Татабања, но таму од лето доаѓа полскиот репрезентативец Пјотр Вишомирски, па Борбељ е слободен да си бара нов клуб. Татабања имаше договор на две сезони со Борбељ, но унгарскиот клуб имал договор и со Вишомирски кој бил платен многу повеќе, па морале да се ослободат од некои ракометари. Лани Борбељ имаше одлични партии на повеќе натпревару од Купот на ЕХФ и забележителни резултати.

Раководството на битолчани се уште ги разгледува и другите можни опции, па останува да видиме во следните денови дали биде доставена понуда и дали ќе има договор меѓу двете страни.

За следната сезона и настапот во СЕХА и во европските купови, тренерот Жељко Бабиќ ќе смета на Градимир Чаневски, а дополнително треба да се реши статусот на Благојче Трајкоски, чиј договор заврши.