Дука сам ја среди Преспа во Ресен

Екипата на Работнички славеше на гостувањето во Ресен против Преспа со 23:16 во рамките од 2. коло од Првата лига. По стартниот пораз во првото коло од Драчево, Работнички во Ресен се израдува на првата победа во новата сезона.

Ракометарите на Работнички од првата, па се до последната минута беа во водство. Домаќините немаа сила да се спротистават на далеку поквалитетниот тим од Скопје, иако на моменти можеа значително да го намалат водството на противникот.

Во првото полувреме водството на Работнички беше и пет гола позитива. Чакалиќ, Димевски и Дука ја одржуваа предноста на својот тим и не дозволуваа никаков простор за резултатска неизвесност од страна на противникот. По 30. минути игра, Работнички замина со предност од 12:8.

Со исто темпо се продолжи и во второто полувреме. При резултат 18:13 за екипата на Работнички, јасно беше дека бодовите ќе ги однесат гостинските ракометари.

Најефикасен на натпреварот беше ракометарот од Работнички, Ѓорѓи Дука, кој одигра одлична партија на теренот со 11 постигнати гола. Во составот на Преспа, Александар Крстевски и Џанер Шабединовски беа најефикасни со по четири гола.