Драчево го сруши Вардар Неготино во дербито, ќе биде жестоко во прволигашкиот плеј-оф

Ракометарите на Драчево во интересен и неизвесен натпревар славеа против екипата на Вардар Неготино со 27-25 во 16. коло од Првата лига во рамки на групата А. Почетокот на натпреварот и припадна на екипата на Драчево. Петковски,Андовски и Дабевски ги постигнаа првите голови на натпреварот за водство на Драчево од 3-0. Првиот гол за Вардар Неготино го постигна Драган Кузманов од пенал.

Составот на Драчево имаше контрола на натпреварот и беше во постојано водство. Кизиќ влезе во серија одбрани а домашните само го зголемуваа водството. Во 19 минута средниот бек на Драчево, Димов донесе највисоки плус пет на својот тим.

По водството од пет разлика екипата на Драчево како да се опушти и не успеаја да постигнат гол пет минути и дозволи на противникот резултатски да се врати. Неготинци преку голот на Ташев дојдоа на минус еден но домашните се разбудија и преку Петковски отидоа на плус два. До полувремето имаше уште по еден гол на двете страни и резултатот гласеше, 13-12.

Во второто полувреме, неготинчани преку Кузманов и Пеовски го презедоа водството. Почетокот на второто полувреме им припадна на голманите на двете екипи, Кизиќ и Мицев кои со своите одбрани ги одржуваа своите екипи во игра. До 44. натпреварот беше во егал и се играше гол за гол пред гостите преку Пеовски да зголеми на плус два за гостите.

Во 50. минута левиот бек Андовски го израмни резултатот на 20-20 и најави интересна завршница. Димовски во 52. минута го врати водството на Драчево но Ташев брзо израмни.Во одлучувачките моменти гостите правеа технички грешки во нападот а тоа знаеше да го казнува Дабевски на спротивната страна кој во одлучувачките моменти постигна три погодоци.

Најефикасен во составот на Драчево беше Александар Димовски кој постигна 9 погодоци. За Вардар Неготино најпрецизен беше Ташев исто со 9 гола. Со овој триумф на Драчево заедно со Вардар Неготино и Младост Богданци го делат првото место на табелата во групата А со по 36 бодови, но драчевци имаат меч повеќе.