Драма во Бутел: Еурофарм Пелистер 2 победнички од Скопје

Бутел двапати не успеа да ги победи тимовите од Битола, па откако минатото коло загуби од Еурофарм Пелистер, сега загуби и од вториот тим, Еурофарм Пелистер 2, со 24-23 (9-13). За битолчани ова се првите бодови во плејофот, и сега имаат вкупно 4 по одиграни два натпревари, а Бутел останува на едниот бод што го пренесе од регуларниот дел од сезоната.

Христијан Митревски го постигна победничкиот гол за гостите на неколку секунди до крај на средбата, по што почна славјето на битолчани. Претходно во последните минути гостите успеја да израмнат, па после и првпат да поведат.

Драмата во Скопје имаше среќен крај за гостите, кои во текот на целиот меч бркаа негатива, ама не се предаваа.

По почетните 1-1 и 2-2, Бутел направи убава серија со која прво зголеми на 7-3 во 16 минута што беше прв сигнал за гостинскиот тренер Александар Јовиќ дека треба да бара тајмаут. Но, и после него Бутел реализираше акција и стигна до највисоките 8-3. Битолчани беа борбени во одбрана, но скопјани подобро реазлизираа, и во 22 минута имаа „плус 6“ за водство 10-4.
Домашниот голман Бојан Блажевски повторно имаше една од главните улоги со 6 успешни одбрани во првото полувреме. „Плус 4“ на полувреме како пристојна залиха за домашните, но и разлика што гостите можат да ја стигнат.

Водството што го имаше Бутел не ја смени играта на Еурофарм Пелистер 2. Полека и трпеливо играа и намалуваа. Во 37 минута намалија на 13-14 како најава за интересни 22 минути од мечот. Уште една одбрана на Блажевски, и во нападот Бутел повторно отиде на „плус 3“ за 17-14 во 42 минута.
По исклучувањето на Никола Стоилевски и на Андре Буторац во напад, домашните имаа убава шанса да зголемат, но и тие направија пробивање.

Откако гостите ја стопија предност од 5-6 гола, и дојдоа на 2-3 и неизвесноста се врати, а и интензитетот. Во 45 минута битолчани намалија на 16-18. Под закана з апасивна, Марко Мајиќ повторно носи радост за нови три гола предност, 19-16. Сега за секоја топка имаше борба, а одбраната на Бутел одлично се одбрани и доби шанса за нов напад и повисока предност.

На седум минути до крај на мечот, битолскиот тим се врати во игра откако Никола Стоилевски од пенал намали на 20-21. Малку време до крај, а многу желби од двете екипи. Во таа желба за гол, Бутел погреши и таа техничка грешка на домашните во изрманување го претвори Богдан Мијушковиќ, 21-21 на 6 минути до крај.

Стоилевски пак погоди од пенал, за ново израмнување 22-22 во 57 минута. Уште 180 секунди до крај во кои секоја грешка скапо се плаќа. Младиот Бојан Спасовски направи чекори и им даде шанса на битолчани првпат да поведат. Тоа Петровиќ го искористи и зголеми на 22-21, а во следниот напад Бојан Баџовски направи пенал врз Давитковски.

Пеналот на Марко Мајиќ заврши во пречката, па битолчани добија нова шанса со која сигурно ќе ги освојат бодовите. Александар Јовиќ на 54 секунди до крај побара тајмаут за победнички совети.

Под закана за пасивна промашија гостите, а во следниот напад Бутел израмни на 23-23. Но, со брз центар Христијан Митревски погоди за славје од 24-23.

Кај победничката екипа Никола Стоилевски и Павле Петровиќ дадоа по 6 гола, а кај домашните Мирко Мајиќ даде 8 гола.

Во следното коло Бутел гостува кај Вардар, а Еурофарм Пелистер 2 е домаќин на постариот брат, Еурофарм Пелистер.