Драмата во Ѓорче Петров за Македонија, Борец остана со празни раце

Ракометарите на Македонија Ѓорче Петров запишаа триумф над составот на Борец Велес со минимални 30-29 во 13 коло до прволигашкиот плеј-аут.

Велешани отворија со водство од 2-4, но набрзина ѓорчевци направија пресврт и поведоа со 6-4. Беше и 10-6, но гостите не се предаваа и израмнија на 12-12. На пауза се замина со минимална предност за Македонија ЃП, 15-14.

Во вториот дел домашните одржуваа водство од еден до три гола, но во финишот попуштија. Последниот гол го постигнаа во 51 минута за 30-27.

Димов и Ристевски внесоа неизвесност на две минути до крајот и Борец намали на 30-29. Двете екипи пропуштија уште по неколку прилики, едните да ја осигураат победата, другите да стигнат најмалку до реми, па мечот заврши со минимална победа за Македонија ЃП.

Најдобри стрелци кај победникот беа Боби Неделковски со осум, како и Никола Иванов и Дарко Јаневски со по шест гола, додека кај гостите се истакна Илија Табаков со девет погодоци.