Драмата во Штип без победник – по еден бод за Астибо и Спартак

Во рамките од третото коло од Супер женската лига од Групата Б, новиот член, Астибо на свој терен одигра неизвесен натпревар против Спартак, откако по 60. минути игра, резултатот беше нерешено, 25:25.

По почетното водство од 1:0 за домашната екипа, Спартак со двата гола на Гроздановска, за првпат поведе со 2:1. Во продолжение се играше израмнето, додека екипата на Астибо со головите на Анчева започна да се одлепува и да фаќа ритам.

По петнаесетина минути игра, резултатот беше три разлика за ракометарките на Астибо, 8:5. До крајот на првото полувреме, Спартак беше екипата која заостануваше од два до три негатива. Предводени од Анчева и Стојанова, домаќинките на полувреме заминаа со водство од 14:12.

Во второто полувреме, Спартак со головите на Ангеловска и Андоновска го израмни резултатот на 14:14. Астибо не дозволуваше лесни голови во својата мрежа и повторно го враќаше водството од првиот дел. Последните петнаесетина минути беа неизвесни, иако пред тоа, Астибо имаше солидно водство од 20:16.

На минутa пред крајот, Спартак намали на 24:25, а неколку секунди подоцна, Ангеловска беше прецизна за 25:25. Домаќинот можеше да освои три бода бидејќи пред самиот крај, Анчева од пенал имаше можност да стави крај на драмата, сепак нејзиниот обид беше без успех. Последниот напад, ракометарките на Спартак не успеаја да го реализираат во погодок, тоа значеше поделба на бодовите за двете екипи.

Најефикасни во редовите на Астибо беа Марија Анчева и Драгана Стојанова со по десет гола. Во редовите на Спартак, Ангела Гроздановска беше прв стрелец со шест гола.