Драган Аџиќ му се враќа на клупскиот ракомет – ја презема Подравка?

Селекторот на женската репрезентација на Словенија, Драган Аџиќ, би требало да седне на клупата на хрватската екипа, Подравка, која е редовен учесник во Лигата на шампионите, пишува словенечкиот портал „Рокомет“.

Екипата на Подравка по поразот од Локомотива Загреб во домашното првенство мораше да направи радикални промени во стручниот штаб. Тогашниот тренер, Невен Хрупец, по само четири одиграни кола во шампионатот на Хрватска доби отказ, а раководството на клубот одлучи како главен тренер да го постави Антонио Прањиќ.

Сепак, на клубот му треба искусен тренер со богата тренерска кариера. Пред почетокот на оваа сезона, Аџиќ беше поврзуван со скапиот проект на Кастамону од Турција, но поранешниот селектор на Црна Гора одлучи да се посвети само на репрезентативниот ракомет.

Одлуката за можното преземање на Подравка од страна на Драган Аџиќ би требало да се знае најдоцна до следната недела. Доколку шпекулациите се покажат како точни, тогаш искусниот црногорски тренер по пауза од скоро една година повторно ќе се врати на клупскиот ракомет.