Драгана Ристова пред интернационален ангажман, има понуда од Хрватска

Драгана Ристова, која по крајот на оваа сезона, замина од клупата на ЖРК Вардар, се наоѓа пред прв меѓународен предизвик во тренерската кариера.

Според информациите на 24Ракомет се работи за амбициозен проект од Хрватска, преговорите се во напредна фаза, па Ристова би можел да ја има првата тренерска работа во странство.

Некогашната македонска репрезентативка и членка на Скопје, Еуростандард ЃП, Кометал ЃП, Металург, Будуќност и Вардар, со младиот тим на Вардар направи голем успех во изминатите сезони.

По завршувањето на играчката кариера во 2014 година, Ристова започна тренерска кариера, и преку младинските категории стигна до тренерското место во првата екипа.

Со Вардар секогаш беше кандидат за врвот во Женската лига, а да не беа неколку порази на домашен терен, тимот на Ристова ќе се вмешаше и во борбата за титулата оваа сезона.

Ристова по три сезони пауза го врати Вардар и на европска сцена, а тимот успеа да мине и едно коло во Европскиот Куп.