Досега работеше во Мешков Брест, а отсега ќе биде дел од Крим

Екипата на Крим полека го комплетира тимот за новата сезона, во која ќе влези со поголеми амбиции од претходната, а раководството на тимот донесе уште едно ново име во стручниот штаб.

Во клубот од Љубљана на почетокот на новата сезона ќе пристигне Роландо Пушник, кој од 2018 година беше член на стручниот штаб на белорускиот шампион, Мешков Брест.

Поранешниот репрезентативец на Словенија во Крим ќе биде задолжен за голманите и своето знаење и искуство што ги стекна во текот на неговата играчка кариера ќе им ги пренесе на голманките на Крим, Барбара Аренхарт, Јована Рисовиќ и Зала Миклиќ.

Пушник беше дел од златната генерација на Југославија, генерацијата која во 1984 година го освои златниот медал на Олимписките игри во Лос Анџелес и златниот медал на Светското првенство две години подоцна (1986) во Швајцарија.

Во текот на својата играчка кариера која траеше повеќе од 25 години, Пушник играше за Целје, Црвенка, Железничар Ниш, Сан Антонио, Загреб, Градец, Слован, Метковиќ, Виена, Тримо Требње и Падова. Со екипата на Загреб во 1992 и 1993 години ја освои титулата во Лигата на шампионите.

Најтрофејниот словенечки клуб во новата сезона ќе биде предводен од актуелниот селектор на женската репрезентација на Словенија, Драган Аџиќ. Крим за следната сезона ги ангажираше двете екс ракометарки на Вардар, Јованка Радичевиќ од Кастамону и Барбара Лазовиќ од ЧСМ Букурешт.

Во клубот ќе настапува и соиграчката на Радичевиќ од Кастамону, Сара Коварова, како и репрезентативката на Полска, Александра Росјак, која во Крим ќе пристигне од француски Бензансон.