Динамо Букурешт бесен на ЕХФ: Разочарани сме, докажавме дека заслужуваме да бидеме дел од ЛШ!

Европската ракометна федерација (ЕХФ) денес ги објави 16 екипи што ќе играат следната сезона во Лигата на шампионите.

Како што е познато, во елитното натпреварување освен македонскиот шампион Еурофарм Пелистер сигурни места од претходно имаа Барселона, Келце, Кил, Магдебург, ПСЖ, Веспрем, ГОГ Гудме, Порто и Целје.

Европската ракометна куќа 6-те вајлд-карти им ги додели на Загреб, Алборг, ПИК Сегед, Монпелје, Колстад и Висла Плоцк.

Во следната сезона во најквалитетното европско натпреварување нема да се натпреварува амбициозниот тим на Динамо Букурешт, кој е предводен од легендарниот Чави Пасквал.

Романскиот шампион не успеа да добие вајлд-карта и во следната натпреварувачка сезона 2023/24 ќе биде дел од второто по ранг европско натпреварување – Лига на Европа.

Одлуката на ЕХФ да го изостави Динамо Букурешт предизвика голем револт кај романскиот шампион.

,,Разочарани сме и се обидуваме да ги најдеме причините кои доведоа до оваа одлука, затоа што во последните две сезони докажавме дека заслуживме да бидеме во елитата. Ќе играме во Лига на Европа, заедно со многу силни тимови и ќе најдеме ресурси да продолжиме по истиот пат по кој сме веќе осум години. Тешко ни е да ја разбереме одлуката, но ќе ја почитуваме. Заедно со нашите поддржувачи ќе го надминеме овој момент и ќе се вратиме посилни во сезоната 2024-2025, кога се надеваме дека ќе се пласираме директно во Лигата на шампионите. Ви благодариме на сите за поддршката”, стои во дел од соопштението на клубот.