Димковски: Игравме еден за сите и сите за еден – на крајот ја исполнивме целта и освоивме злато

Машката кадетска репрезентација на Македонија го освои трофејот на ЕХФ шампионатот во Летонија, откако триумфираше со 24-22 против Швајцарија.

МВП на турнирот беше средниот бек на Македонија, Томислав Димковски, кој покажа дека може да се снајде на сите позиции.

„Благодарност до вас новинарите, до тренерите, до стручниот штаб…ние многу трениравме во последните два ипол месеци. Се заложивме максимално, дадовме многу и сакавме да го освоиме ова првенство. Почнавме со победи, со многу разлика и самите верувавме во себе. На крајот успеавме во нашата цел и дојдовме до златото. Ова беше за нас прво финале со репрезентација. Бевме уморни, ама и силно мотивирани. Дадовме свој максимум, имавме повреди и претрпевме многу удари, но одигравме еден за сите и сите за еден, па го освоивме овој шампионат“, изјави Димковски.

Следните предизвици за оваа генерација на ракометари ќе бидат настапи на СП 2023 во Хрватска и младинското ЕП 2024 година.