Дејвис за 24Ракомет: За Додиќ и Крстевски ова беше тешка средба, одиграа со многу искуство

Тимот на Вардар дојде до победа од 20:19 во 12. коло од Групата А во Лигата на шампионите и со тоа стигна до 5. место на табелата што носи подобар противник во осминафиналето. Сепак, тоа место треба и да се задржи во последните две кола.

На денешниот натпревар за тимот на Вардар дебитираше Стефан Додиќ, кој доби минутажа од околу 15 минути бидејќи имаше само два тренинзи со своите нови соиграчи.

„Среќен сум бидејќи и за Додиќ и за Крстевски ова беше тешка средба. Крстевски во последните месеци ретко играше, а кога беше на терен најчесто играше како крило. Додиќ дојде во понеделник попладне и денеска играше важен натшревар во Лигата на шампионите. Доби 10-15 минути и многу сум задоволен од она што го покажа. Ги немаме Гаџа и Карапалевски, па мораше Додиќ да му помогне на Крстевски. Среќен сум бидејќи знам дека има многу притисок. За ваков тип на натпревари е потребно време, но тој одигра со многу искуство. Јас сум задоволен“, изјави Давид Дејвис за 24 Ракомет.

За средбата против Загреб вели дека биле во незгодна ситуација бидејќи победата беше потребна и за двата тима.

„Кога играш на сè или ништо секогаш е вака. Нормално е играчите да бидат нервозни. Истата ситуација беше и во Вардар и во Загреб. Знам дека е многу тешко во тие моменти“.

Во однос на играта, Дејвис е задоволен како момците го спровеле на дело сето она што го има замислено односно комплетната тактика.

„Игравме комплетно со тактика и без импровизација. Сè што направивме го одработивме според планот и во напад и во одбрана. Овој пат беше поинаку отколку на дуелот против Монпелје, но имавме повеќе флуид“.

Потврди и дека има одлична соработка со новиот тренер на голманите, но и дека верува комплетно во неговата работа.

„Венио Лосерт решава за голманите. Имам целосна доверба во неговата работа и тој е оној што одлучува кој од голманите колку ќе брани и кога ќе брани“.

Што се однесува до последните две средби очекува добри игри, а вели дека и Мешков Брест и Елверум се тимови кои се на нивото на Вардар и очекува да има борба на двата дуели.

„Мешков Брест и Елверум се на наше ниво. Мораме да ги одиграме најдобрите натпревари. Сепак, табелата го покажува тоа. Во оваа сезона ние сме во групата на екипите кои се борат од 5. до 8. место и не можеме да зборуваме за повеќе. Доколку имаше повеќе натпревари ќе можевме да се бориме за повеќе, но сега во оваа ситуација можеме да играме само за 5. позиција“, изјави тренерот на Вардар, Давид Дејвис за 24 Ракомет.

Следниот натпревар е во Белорусија против Мешков Брест од 18:45 часот. Победа на овој дуел ќе го доближи Вардар уште повеќе до 5. место во Групата А од Лигата на шампионите.