Дефанзивецот Соколов се враќа во Тиквеш

Екипата на Охрид останува без уште еден ракометар од минатата сезона, а тоа е главниот дефанзивец Борче Соколов кој во новиот шампионат ќе го носи дресот на екипата на Тиквеш.

Практично Соколов се враќа дома бидејќи потекнува од Кавадарци. Тој својата кариера ја почна во тимот на В. В. Тиквеш, а откако овој тим престана да се натпреварува се пресели во Зомимак М од Струмица. Потоа во неговата кариера следуваше тимот на Радовиш, а оттаму дојде во Охрид каде играше во последните сезони.

Соколов е еден од подобрите дефанзивци во Супер лигата така што редовно важеше за играч од кого зависат многу работи во играта на тимовите каде што настапуваше.

И во Зомимак и во Радовиш и во Охрид тој беше задолжен за играта во одбрана, а ретко добиваше шанса за игра во напад. Се очекува да биде така и во Тиквеш во новата сезона.