Деспина тргна победнички, освои цел плен во Струга

Ракометарките на Деспина успешно започнаа во плеј-офот во Женската лига и во првото коло славеа победа на гостувањето кај Стужанка со минимални 24:25.

Натпреварот беше многу израмнет, во воведните минути екипите го менуваа водството до резултат 5:5. Гостинската екипа прва дојде до повисока предност, Деспина со четири последователни гола имаше предност од 5:9. До полувремето Стружанка ја преполови негативата и на паузата беше 10:12.

Во продолжението на мечот Деспина константно ја одржуваше предноста, домашните ракометарки во неколку наврати намалуваа на минус еден но ниту еднаш не израмнија. Во финишот Цветкоска ја потврди победата на Деспина со својот десетти гол.

Најефикасна во тимот на Стружанка беше Магдалена Делиоска со осум гола, а шест постигна Мендувие Далипоска. Во тимот на Деспина најефикасна беше Сања Цветковска со десет гола, а седум постигна Ангела Камческа.