Десетка за Печенковски, Јуниор КВ убедлив во Ѓорче Петров

Ракометарите на Јуниор КВ ја остварија третата победа во Првата машка лига откако беа убедливи против Македонија ЃП со 35:25 во 4. коло од Групата Б. Со новите освоени бодови, Јуниор КВ моментално се задржа меѓу првите три водечки екипи на табелата од својата група.

По играта гол за гол во првите минути, составот на Македонија ЃП со головите на Неделковски, Фичуроски и Велковски се одлепи на три гола предност, 7:4, во текот на првата половина од првиот дел. Малата криза во редовите на гостинскиот тим од Кисела Вода беше надмината, со серија од 4:0, избраниците на Игор Котевски стигнаа до своето прво водство на натпреварот, 8:7.

Екипата на Јуниор КВ продолжи со добрата игра до крајот на првиот дел. Печенковски беше креаторот на разликата за својот тим, па така гостите пред самиот крај на првото полувреме имаа највисоко водство од 15:11. На полувреме, Јуниор КВ замина со предност од три разлика, 16:13.

Гостите во вториот дел го зголемија водството на 18:13 и најавија освојување на нови бодови на своето конто. Домашната екипа не успеа да фати приклучок, полека го губеше натпреварот и им дозволи на своите противници да ја зголемуваат својата предност.

Најефикасен на натпреварот беше ракометарот на Јуниор КВ, Горан Печенковски со десет гола. Во поразената екипа се истакна Боби Неделковски со пет гола. Македонија ЃП во следното коло гостува во Автокоманда кај Металург РА, додека екипата на Јуниор КВ на свој терен ќе ја пречека екипата од Струмица, Астраион.