Дебакл на Текстилец, Кичево победи со 20 гола разлика!

Ракометарите на Кичево одиграа перфектен натпревар против Текстилец и забележаа убедлива победа од 38:18 во рамките од 4. коло од Првата лига од Групата Б. Оваа победа за составот на Кичево беше втора во новата сезона.

Избраниците на Дејан Михајлоски уште на самиот почеток започнаа да се одлепуваат и да создаваат стабилно водство. Во текот на првиот дел, Кичево имаше позитива од 10:4. Водството на домашниот тим беше задржано до крајот на првиот дел кој заврши со нивна предност од 16:9.

Во второто полувреме се разиграа домашните ракометари, Мирчески и Тасески, а водството на нивниот тим постепено се зголемуваше. Текстилец беше немоќен во доминантната игра на противникот и неговите грешки во последната половина од натпреварот беа дополнителна причина за големата негатива. Во 50. минута, Кичево остана без Чеде Јованоски, кој поради три исклучувања заработи црвен картон.

Најефикасни во составот на Кичево беа Александар Мирчески со девет и Филип Шиклевски со осум гола. Во Текстилец прв стрелец беше Александар Јовановски со шест гола. Во 5. коло, Кичево гостува во Скопје кај лидерот на табелата, Алкалоид, додека екипата на Текстилец на свој терен ќе му се спротистави на Куманово.