Две легенди му кажаа збогум на ракометот

Двете ракометни легенди, Андерс Егерт и Бјарте Мирхол го одиграа последниот натпревар од нивната богата кариера. Двајцата ракометари кариерата ја завршуваат на 39 години и со победа.

Нивниот клуб, Скјерн го освои третото место во Купот на Данска откако во полуфиналето беше подобар од ГОГ Гудме со 31:26.

Поранешниот репрезентативец на Данска, Андерс Егерт од 2017 година настапуваше за Скјерн. Данецот во својата клупска кариера со екипата на Фленсбург успеа да ја освои и Лигата на шампионите во сезона 2013/2014.

За репрезентацијата на Данска настапуваше од 2003 и успеа со своите репрезентативни колеги да го освои златниот медал на Европското првенство 2012 кое беше одржано во Србија. Поради годините, но и приватните обврски реши да се повлече од данската репрезентација во 2017 година.

Од ракометните терени се повлекува и искусниот норвежанец, Бјарте Мирхол. На почетокот на месец март, 2021, Мирхол најави дека би можел да одигра уште една сезона, но се реши целосно да се повлече од ракометот.

Мирхол во Скјерн пристигна во 2015 година од екипата на Рајн Некар Левен. Беше дел и од унгарски Веспрем на почетокот на неговата кариера, 2005/2006 сезона. Со репрезентацијата на Норвешка го освои сребрениот медал на Светските првенства во 2017 и 2019 година.

Тој денеска го одигра последниот клупски натпревар, но ќе биде дел од норвешката репрезентација на ОИ.