Два црвени картони и 16 седмерци: Куманово подобар од Металург РА

Екипата на Куманово конечно дојде до првата победа во Првата машка лига, откако на свој терен беше подобар од незгодниот тим од Автокоманда, Металург РА, со 34:30. Во големата борба за освојување на бодовите беа досудени 16 седмерци и доделени два црвени картони, еден за домашната и еден за гостинската екипа.

Избраниците на Миле Бочкаровски го имаа почетното водство од 1:0, а во останатиот дел од натпреварот, ракометарите на Куманово беа во постојано водство. Предводени од Миладиновски и Даневски, домаќините имаа предност од 16:12 пред самиот крај на првото полувреме, додека на пауза, Куманово замина со предност од 17:14.

Во второто полувреме, Куманово беше во постојано водство од четири до пет гола разлика. Гостинскиот тим никако не можеше да се врати во игра и мораше да се помири со крајниот исход. Во 57. минута, ракометарот од Металург РА, Џулијано Христоски заработи црвен картон поради три исклучувања. Поради истата ситуација, на седум секунди пред самиот финиш, ракометарот на Куманово, Стефан Кузмановски мораше на кратко да се пресели на трибините.

Најефикасен во победничката екипа беше Андреј Миладиновски со девет гола. Во составот на Металург РА се истакна Драган Стефков со 11 гола. Во следното коло од групата Б, Куманово за противник го има Текстилец од Штип. Ракометарите на Металург РА на домашен терен ќе се соочат со Македонија ЃП.