„Да се заврши уште една успешна сезона со две победи“

Со натпреварите против Металопластика кои ќе се одиграат денеска во СЦ „Јане Сандански“ екипата на Вардар ја финишира сезоната и во СЕХА лигата така што ова ќе бидат два дена во кои мора да се одработи на ниво.

Вардар е фаворит против Металопластика, но ќе треба тоа да се покаже и на теренот. За очекување е „црвено-црните“ да влезат како фаворити на овој двобој и да немаат проблем да стигнат до дуел против Загреб во четврт-финалето.

„Само што го завршивме домашниот шампионат со двојна круна, а со овие два натпревари против Металопластика ќе финишираме уште една успешна сезона. Треба да одиграме два натпревари, но убеден сум дека ќе обезбедиме место во четврт-финалето од СЕХА. Знаеме дека Металопластика игра брзо и ќе се обидеме да ја запреме таквата игра. Сите екипи се веќе уморни, но мораме да ја одработиме нашата задача и да дадеме најдоброто на терен“, вели тренерот на Вардар, Стевче Алушовски.

И неговиот колега од Металопластика очекува ова да биде интересна средба, а вели дека во Скопје доаѓаат без дел од ракометарите кои се повредени.

„Двата натпреварипротив Вардар ќе бидат голем предизвик за нас. Во моментов имаме многу повредени ракометари така што нашата екипа ќе биде многу помлада од вообичаеното. Моите очекувања за овие два натпревари се големи, но една работа што ја очекуам од момците е посветеноста. Некои играчи кои досега играа помалку ќе добијат поголема минутажа. Јасно е дека тимот на Вардар е многу посилен во моментов, но се надевам дека ќе дадеме силен отпор“, коментира Миодраг Кажиќ.

Двете средби се играат со почеток во ист термин. Се играат денеска и утре со почеток од 17:30 часот.