„Да не се лажеме, не сме фаворити на ЕП“

Еден од најдобрите ракометари на светот, Домагој Дувњак истакнува дека Европското првенство ќе биде голем предизвик за неговата репрезентација бидејќи во хрватскиот состав има многу нови ракометари, од кои нема веднаш да се бара некаков резултат.

Хрватите во првата фаза на Европското првенство за противници ги имаат селекциите на Франција, Србија и Украина во рамките од Групата Ц.

„Ова е дефинитивно различна репрезентација, девет или десет ракометари се нови и ова првенство ќе биде голем предизвик за нас. Французите се апсолутни фаворити во тој прв натпревар, а потоа следи Србија, која освои три бода против Франција во квалификациите за ова првенство и ќе биде навистина тежок противник. Нема да се лажеме, дефинитивно не сме фаворити, младите се добри играчи, но не би било фер веднаш да бараме резултат од нив, треба да бидеме реални“, изјави Дувњак за „Спортске Новости“.

Хрватска натпреварите на Европското првенство ќе ги стартува со дуел против Франција на 13 јануари во Сегед.