Данците тврдат: Палмарсон од лето во Алборг!

Иако беше најавено дека Арон Палмарсон ќе го продолжи договорот со Барселона што му истекува летово, очигледно е дека нема да биде, барем според информациите на данската ТВ2.

Искусниот ракометар од Исланд би требало на лето да го засили данскиот шампион Алборг, со кој наводно договорил соработка на три години.

На крајот на февруари се појавија и првите шпекулации за трансферот на Палмарсон во Алборг, но од страна на амбициозната екипа од Данска немаше никаква потврда, а нема ниту сега.

Исланѓанецот моментално настапува за Барселона, а претходно го носеше дресот на Веспрем и Кил. Во новата сезона во екипата на Алборг ќе се придружат Мартин Ларсен, Јеспер Нилсен и Кристијан Бјорсен.

За сезоната 2022/23 веќе е договорен Микел Хансен од ПСЖ, а пред финализирање на договорот се и уште двајца Данци, Мадс Менса Ларсен од Флензбург и Емил Нилсен од Нант.