ГРУПА Ф: Норвешка главен фаворит, Македонија оди по изненадување

24Ракомет ви ги претставува учесниците на Светското првенство што ќе се одржи во Полска и Шведска

Групата Ф, исто како и групата Е, ќе биде една од најинтересните во прелиминарната рунда на 28-то Светско првенство во Полска и Шведска.

Три европски селекции, Холандија, Македонија и Норвешка, плус селекцијата од Јужна Америка, Аргентина, ќе настапуваат во групата Ф, која ќе се игра во Краков.

Во поглед на резултатските достигнувања во минатото, фаворит во групата е репрезентацијата на Норвешка, која на Мундијалите во 2017 и 2019 стигнуваше до финалето и на двапати го освојуваше сребрениот медал.

Холандија и Аргентина можеби се во предност во однос на подмладeната Македонија, но јавноста очекува интересни средби меѓу трите репрезентации.

🇲🇰 МАКЕДОНИЈА 🇲🇰

Нова ера за македонската сениорска репрезентација, откако легендата и најдобар стрелец Кире Лазаров ја заврши играчката кариера. Сепак, Лазаров не се откажа од Македонија и седна на селекторската функција. Недостигот на искуство можеби ќе беше проблем, но за играч со таква богата кариера, се помина перфектно – без оглед на притисокот со кој се соочуваше иако ги правеше првите чекори.

Повлекувањето на Лазаров како активен играч беше сигнал за нов старт на Македонија, со многу нови имиња. Лазаров почна да гради нов тим, иако во составот има и искусни имиња кој се уште се душата и срцето на тимот, со левото крило Дејан Манасков и Никола Митревски. Сепак, на Македонија ќе и недостига Стојанче Столов, особено во одбраната, бидејќи тој се повлече од националниот тим откако му помогна да се пласира на СП.

Македонија билетот за Мундијалот во јануари го обезбеди откако ги елиминираше Романија и Чешка во првиот, односно во вториот квалификациски циклус за настап на Светското првенство. Репрезентацијата на  Македонија е постојано присутна на Мундијалите во изминатата деценија, а настапот на Мундијалот во Полска и Шведска ќе биде шести последователен настап на „црвено жолтите”.

На претходниот Мундијал, кој беше одржан во Египет, Македонија иако не обезбеди пласман, сепак настапи со најдобрите светски репрезентации, откако ја замени Чешка, која не можеше да состави тим поради Ковид 19. Токму настапот во Египет, на кој Македонија заврши на 23. позиција, беше најлошиот пласман во историјата за македонската репрезентација, која сега ќе влезе со подмладени сили и со ракометари желни за докажување.

Селектор: Кирил Лазаров

Клучни играчи: Филип Талески (лев бек), Дејан Манасков (лево крило), Филип Кузмановски (лев бек), Никола Митревски (голман)

🇳🇱 ХОЛАНДИЈА 🇳🇱

Ракометот бележи огромен напредок во Холандија, но процесот беше долг и напорен, и за машката и за женската репрезентација.

Холандија немаше лесен пат за пласман на Светското првенство, бидејќи беше елиминирана од подеднакво талентираната селекција на Португалија во рамки од втората фаза од квалификациите.

Но, развојот и покажаниот талент беа препознаени од Меѓународната ракометна федерација (ИХФ), која и додели на Холандија вајлд-карта, испраќајќи го тимот на Светското првенство во јануари за прв пат од 1961 година.

Новиот селектор на Холандија, Штафан Олсон ќе има респектабилен тим на Мундијалот, бидејќи дел од носителите на играта настапуваат во Бундеслигата. Тука се Лук Стеинс од ПСЖ, Дани Бајенс од Хамбург, Каи Смитс од Магдебург, Исо Слујтерс од Цирих…па така „лалињата” ќе бидат незгодна репрезентација за секого.

Селектор: Штафан Олсон

Клучни играчи: Лук Стеинс (среден бек), Кај Смитс (десен бек), Боби Шаген (десен бек)

🇳🇴 НОРВЕШКА 🇳🇴

Репрезентацијата на Норвешка на Мундијалите во 2017 и 2019 година, стигна до финалето, но не успеа да го освои трофејот. Скандинавската селекција и на Европското првенство во 2020 година имаше одлични партии и настапот на континенталниот собир го заврши на 3. позиција.

Во последните две години, избраниците на Глен Солберг не завршија меѓу четирите најдобри репрезентации, па така на Светското првенство во Египет (2021) беа на 6. позиција, додека една година подоцна, односно на Европското првенство во Унгарија и Словачка беа петти.

Норвешка на Мундијалот во јануари ќе настапи со силен состав, поголемиот дел од ракометарите имаат големо искуство со настапите на големите натпреварувања, но и искуство со играњето во Лигата на шампионите, Лига на Европа…Кај норвешката репрезентација ќе има и двајца дебитанти. Станува збор за голманот Емил Имсгард и средниот бек Тобијас Грендал. Двајцата ракометари се членови на Елверум, клуб, кој што учествува во Лигата на шампионите.

Селектор: Јонас Виле

Клучни играчи: Сандер Сагосен (лев бек), Торбјорн Бергеруд (голман), Себастијан Бартолд (лево крило)

🇦🇷 АРГЕНТИНА 🇦🇷

Од 1997 година, кога го направи своето деби на Светското првенство, Аргентина  никогаш не пропушти ниту едно друго издание на Мундијалите. На претходниот Мундијал, во Египет 2021 година, селекцијата од Јужна Америка го оствари најдобриот пласман во својата историја, откако заврши на 11. позиција.

Јужноамериканскиот тим, сепак, остана без забележителен успех, кога нивните две победи против Јапонија и Хрватска беа залудни, откако претрпе пораз од 25:26 од Катар, кој го го урна сонот на Аргентина за пласман во четвртфиналето на Светското првенство во 2021 година.

Откако Аргентина заврши на последното место на Олимписките игри во Токио, губејќи на сите пет натпревари што ги одиграа во натпреварувањето, дојде до промена во ростерот. Селекторот Маноло Каденас си замина од функцијата, која беше наследена од Гиљермо Милано.

Сега Милано ќе се обиде со своите избраници да направи подобар пласман од претходниот Мундијал. Поголемиот број од репрезентативците на Аргентина играат во Асобал лигата, а на СП ќе настапи и средниот бек Диего Симоне, кој од 2013 година настапува за Монпелје.

Селектор: Гиљермо Милано

Клучни играчи: Диего Симоне (среден бек), Леонел Масиел (голман), Лукас Москариело (пивот)